Почитувани колешки и колеги,
Следејќи го досегашното искуство за успешно организирање на две научни работилници, со задоволство ја најавуваме третата заедничка MAAA-MЗMУ Работилница за млади научници за научна и публицистичка етика и пишување научни трудови. Работилницата ќе се одржи на 15.06.2023 г. (четврток) со почеток-пријавување од 8,30 ч. на Филозофскиот факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј-Скопје во Сала за седници на првиот спрат.
Многу е важно секој научник да развие вештини за научно пишување и објавување со цел да ги промовира неговите/нејзините истражувачки наоди и професионални активности. На многу млади научници им недостигаат информации за принципите на научната комуникација и публицистичката етика и им треба охрабрување за научно пишување поради недоволното знаење и вештини за да подготват солиден ракопис за да ги задоволат барањата на рецензентите и уредниците и да бидат прифатени за објавување во списанија со отворен пристап, особено во списанија на повисоко ниво и со фактор на влијание (IF).
Работилницата е наменета за млади научници кои го подготвуваат својот прв ракопис или би сакале да ги подобрат своите вештини за пишување и објавување во научни списанија. Членовите на МААА и членовите на МЗМУ, како и персоналот на Амбасадата на САД и персоналот на Американското катче, ќе имаат приоритет за регистрација врз основа на „Прв дојден-прв услужен“, но веројатно дека ќе остане и некое место и за другата научна јавност во Македонија.
Целта на работилницата е да се зголеми свеста кај младите научници за меѓународните критериуми и стандарди во научното пишување и публикување и да се спречат недолично однесување и измами, плагијат и патологија на авторството во научното издаваштво, како и избегнување на грабливи издавачи и списанија. Дополнително, да се обезбеди практична обука за младите научници со цел да им се овозможи правилна и научно издржана комуникација на нивните резултати од истражувањето и презентација на податоците во ракопис структуриран во „Вовед, методи, резултати и дискусија“ до делот „Заклучок“, како и да развива вештини за критичко читање на објавената литература.
Во прилог е Формуларот за регистрација што треба да се пополни што е можно поскоро.
Програмата за настанот можете да ја симнете ОВДЕ.
Прифаќањето и потврдувањето на учесниците ќе биде по принципот „прв дојден – прв услужен“. Бројот на учесници е ограничен на 25. Пријавување најдоцна до 12 јуни во 12:00 часот. Ве очекуваме да се пријавите. За сите учесници што ќе останат до крајот следуваат СЕРТИФИКАТИ.
Генерален секретар на МЗМУ
No comments:
Post a Comment