Wednesday, March 12, 2014

Излезе од печат најновиот број на ДТП/JSER Вол.15., 1-2, 2014

Почитувани читатели,
Сакам да ве информирам дека вчера 11 март 2014 година излезе од печат најновиот број на списанието Дефектолошка теорија и практика Вол.15., 1-2, 2014. Во продолжение ви го претставувам предговорот кон новиот број.




Почитувани читатели,



Во последниот период ја засиливме контролата на плагијаторството. Покрај користењето на про­грамата eTBLAST, со помош на нашиот електронски издавач De Gruyter ја воведовме и про­грамата iThenticate, програма за превенција од плагијаторство. Оваа програма се користи во целиот свет од страна на издавачите на научни списанија и таа ја обезбедува ори­ги­нал­нос­та на трудовите пред тие да бидат објавени. Со ова сметаме дека ќе биде оневозможена или све­дена на минимум нечесноста, измамата и дуплирањето на трудови. Од друга страна, стро­ги­те рецензенти ја зголемија стапката на одбивање на трудови и таа сега изнесува 60%. Како ре­дакција постојано се трудиме да го подигнеме нивото на квалитетот на објавените трудови. Се чини дека е неопходно одржување на семинар во кој авторите би стекнале нови сознанија за процесот на пишување, поднесување, објавување на научни трудови во рецензирани спи­са­ни­ја, како и за етика на публицирањето.
Што можете да очекувате од волуменот 15, број 1-2? Дефектолошко-стручната проблематика за­почнува со трудот во кој се прави компаративна студија за ставовите на израелските и сло­вач­ките студенти и наставници во однос на инклузијата на учениците со посебни потреби во ре­довното образование. Вториот труд од оваа рубрика, исто така, се однесува на ин­клу­зив­но­то образование и поддршката на децата со проблеми во однесувањето во основното об­ра­зо­ва­ние во Германија. Авторката Sheffali Gulati од Индија прави литературен преглед на опциите за дијагноза и третман на аутистичниот спектар на нарушување. Босанските автори од Уни­вер­зитетот во Тузла пишуваат за развој на фонолошката свест кај деца што пелтечат и деца што зборуваат течно. Да се биде или не: информативна студија за обработка на не­сим­бо­лич­ка нумеричка магнитуда за малите наспроти големите броеви кај новороденчињата е нас­лов застапен во рубриката Психолошко-педагошки преглед. Колегите од практиката ќе можат да ги збогатат своите знаења читајќи го трудот Ефектот на обуката за теорија на умот за по­добрување на социјабилноста кај учениците со интелектуална попреченост. Група автори од САД н¢ запознаваат со Врсничкото туторство како интервенција за ученици со ау­тис­ти­чен спектар на нарушување: метасинтеза.
Во рубриката Вести и информации читателите ќе можат да прочитаат информации за Чет­вр­та­та меѓународна конференција одржана во месец октомври 2013 година во нашиот Охрид. Потоа следуваат вести за Интернационалниот студентски семинар одржан во Златибор, Србија, на којшто учествуваа и наши студенти. На крајот можеме да се запознаеме со ак­тив­нос­тите по повод одбележувањето на 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со ин­ва­лид­ност. Во овој број има и апстракт од еден одбранет магистерски труд од колешката Ирена Но­ва­ческа под наслов Фактори на ризик за појава на нарушување во однесувањето и пот­ре­ба­та за превенција и рана интервенција.
Како и во сите изминати броеви, така и во овој ќе ги читате редовните рубрики: Биб­лио­гра­фи­ја, Листа на рецензенти и Индекс на автори.
Об­јавувањето на научни трудови во интернационални списанија претставува тешка задача, но во исто време и благодарна работа, затоа што со тоа си правите услуга на сопствената ка­рие­ра.


Со почит,
Главен и одговорен уредник



No comments:

Post a Comment