Професорски блог на Владимир Трајковски. Малку едукација, малку наука, малку медицина, малку дефектологија и на крајот малку музика
Monday, March 24, 2014
Даниел Кајмакоски
Драги мои,
Сега ќе ви пишувам за еден феномен. Си седеам јас така пред ТВ една ноемвриска вечер (иако ретко го правам тоа) и го вклучувам копчето од далечинскиот управувач на Сител ТВ. На него регионалниот X фактор, ништо што посебно не би требало да ме отргне од компјутерот. Но, се појавува тој, со неговата величенствена изведба на песната Red. Целата негова појава, држење на сцена не ме остави рамноудушен. Си велам кога е следната емисија, кога е следниот настап, да не го пропуштам. Тие што добро ме познаваат, знаат дека музиката ми е втора љубов.
Клипов за неполни 4 месеци има 1,271,558 прегледи на јутјуб. Не сум сигурен дали оригналот на Daniel Merriweather има толку многу посети за толку време. Следува настап во куќата на судиите со песната на Bruno Mars "When I Was Your Man" каде другите натпреварувачи и жирото сфаќаат дека со него нема шега.
Започнуваат првите концерти во живо. Дечкото растура со нумерата "One love" од мегапопуларните U2.
Неговата популарност жестоко расте. Човекот што и да испее, дури и песни кои пред тоа не биле голем хит на овие простори како првата, тој ги прави да станат хитови. Во вториот лајв со тешка задача да го пее легендарниот Тоше Проески. Го пее коректно блиску до оригиналот.
Другите натпреварувачи отпаѓаат како „зрели крушки„, но за него сум сиурен дека ќе ја дотера до финалето. Подоцна оваа моја констатција се покажува како точна.
За нумерата „Сонце не ме грее„ од Влатко Лозановски која ја испеа на својот мајчин јазик можеме слободно да кажеме дури дека ја испеа подобро од Лозано.
Човекот го засакува целиот Балкан, станува мегапопуларен речиси преку ноќ. Следува четвртиот концерт каде ја пее Counting stars на One Republic, според мене една од трите негови најдобри изведби. Овде си велам ако човекот не победи, тогаш „Калимеро нема правда„. Човекот се дрзнува да ги пее екстрапопулартните Avicii со една од најпопуларните песни во последните 6 месеци "Wake me up". На овој лајв сите го видоа светскиот Х фактор. Незаборавно доживување.
На шестиот концерт Стружанецот, Македонецот ни се претставува со балада на Hurts - "Stay", каде се гледа дека што и да испее, нему му стои.
На седмиот настап се топат сите женски срца. Еден евергрин кој не изумира, кој тешко се пее, тој го пее како во када во купатило. „Unchained Melody„ на Righteous Brothersја ја доведува до совршенство. На жирито им била досадна, а нам обичните смртници ни звучеше совршено.
На последниот концерт пред финалето малку му закажува техниката на песната „Љубави„ од неговиот ментор, но како што рече и тој Жељко Јоксимовиќ дека е добра, дури и кога греши. Настапот сепак не беше толку лош, колку што беа околностите. Тој влегува во финале и на сите ни растат апетите за победа. Во меѓувреме тој има преку 300.000 фанови на социјалниот Фејсбук.
Доаѓа „денот Д„ за него и за сите негови обожаватели 23 март, т.е. вчера де :) Во Комбанк арената во белград спектакуларно шоу на продукцијата Х фактор Адрија. Одлично режирана програма со многу потрошени пари. Малку долга програма за наши услови 4 часа без 15 минути, но сите негови фанови останаа до крај покрај малите екрани. Човекот не победи, човекот ги растури останатите 4 финалисти: Лукијан, Доктори, Маид и Тамара. Новата ѕвезда во галаксијата е родена. Човекот ја заслужи победата и ги оттргна сите сомнежи дека Македонец не може да победи на вакво шоу, или шпекулацијата на Џаро дека шоуто е наместено во корист на Тамара Милановиќ. Од денес во продажба е пуштен и најновиот лек Kajmakcillin кој се дава за главоболка, депресија и нерасположение. Се претпоставуѕва дека освоил 70% од сите гласови. Девојки вриштат како по Елвис Присли или Битлси на времето како во Комбанк арената, така и во градски парк. Секаде каде ќе се појави предизвиуква овации и воодушевување. Сите сакаат да се сликаат со него од 7 до 77.
На финалето настапот го започна со песната на King of Leon - "Sex on fire" и тука веќе ги остави сите без здив. Противниците ако може така да се каже останаа неколку светлосни години зад него.
Со втората песна влезе во ангелите, бидејќи е страшно одговорно да го доведеш до перфекција легендарниот Роби Вилијамс. Но, на човеков не му беше ни тоа тешко.
Кога влезе веќе во суперфиналето со Тамара доаѓа завршниот удар со песна од легендата која не умира Тоше Проески The Hardest thing. Тешка песна од повеќе аспекти, тешко бреме, но го поминува и тоа. Завршува така, како и што почна со најдобрата изведба на RED. Како прав џентлемен ја испраќа Тамара дома.
Победата е тука, новата ѕвезда почнува да сјае. Македонија во егзалтација, горди сограѓани негови, илјадници коментари, сите весници и медиуми пишуваат за него, по некоја фрлена петарда и којзане како ќе биде дочекан при неговото доаѓање во Скопје од неговите „Сонциња„ и сите други вљубеници во добрата поп музика. Ете драги мои заврши кратката рекапитулација на она што ме правеше среќен мене и моите деца во изминатите 4 месеци. Запамтете го тоа име, човекот-глас, човекот-ѕвезда, скромниот човек што се вика ДАНИЕЛ КАЈМАКОСКИ. Му посакувам светска кариера, знам дека само тоа ќе го задоволи. Тоа и го заслужува овој голем човек.
No comments:
Post a Comment