Showing posts with label емисија. Show all posts
Showing posts with label емисија. Show all posts

Tuesday, January 14, 2020

Среќна Стара Нова Година до „ТУНЕЛ“ на МРТВ

Почитувани читатели,
По направената јавна прозивка на госпоѓите од емисијата „Тунел“ на МРТВ некаде по полноќ во 00:18 минути кога сум бил во длабок сон заради претходно напорниот ден лично од госпоѓата Живкица Каленикова ми е испратена емисијата по 2,5 месеци од снимањето. Не ми е познато зошто мора во Македонија се` да функционира по некаква јавна прозивка, по некакво изразување на негодување, по некаква јавна ургенција. Фактот дека ниту јас ниту пак професорот Ацески не сме воопшто параноични и не бараме во се` завера го подгреваа нивните нејавувања на мобилен, неодговарања на пораки, или пак одговарање по пет денови. Тоа не е вообичаено во една културна интернет комуникација. Како и да е, јас јавно овој пат им благодарам за одважноста и храброста сепак да ја постават емисијата на нивниот јутјуб канал и да ми ја пратат емисијата и покрај претпоставените притисоци од естаблишментот. За сите вас кои ја баравте од мене емисијата повелете во прилог. Се надевам дека нештата ќе бидат покјасни по прегледување на следните 35 минути видео материјал.
Среќна Стара Нова `49-та, уф пардон 2020-та.
Раскажувачот


Monday, January 13, 2020

Непрофесионалноста на реализаторите на емисијата „ТУНЕЛ“ на МРТВ

Почитувани читатели,
Како што добро знаете не премолчувам неправди, измами и непрофесионалност. Токму поради тоа сакам да споделам една работа за која многу пријатели ме прашуваат. Имено, некаде кон почетокот на ноември месец ми се јави една моја познаничка Марија Башеска, вработена во МРТВ и веројатно една од реализаторите на емисијата ТУНЕЛ, за да ме покани да учествувам во емисијата на тема: „Непотизмот во македонското општество“. Како еден од поборниците за борба против непотизмот и како човек кој што има одлична соработка со новинарите кои никогаш не сум ги одбил прифатив без големо двоумење, иако се подготвував за пат во Малта. Два до три дена по договорот емисијата се снимаше во едно од студијата на МРТВ каде уредник и водител е госпоѓата Живкица Каленикова. Како и претходно што правам со сите новинари, ги замолив двете госпоѓи да ми го споделат линкот од емисијата, или да ми ја дадат снимена на ЦД. Не само што ми беше ветен линкот, туку ми беше ветено дека ќе ми биде споделена најавата за емисијата и дека ќе бидам тагнат на Фејсбук кога ќе биде таа емитувана. Покрај мене, во студиото гости беа проф. д-р Илија Ацески (пензиониран редовен професор на ФЗФ) и една госпоѓа актерка од театарот во Велес. Според мене материјалот беше нуклеарна бомба и требаше да предизвика некои луѓе да се замислат дали и понаму ќе го практикуваат непотизмот во Македонија и беа предложени мерки за борба против непотизмот. Денови и недели по снимањето на емисијата изминуваа, а мене почна да ме јаде јанѕа зошто емисијата не се прикажува на МРТВ во редовните термини за емисијата ТУНЕЛ. Моето поранешно искуство со снимени емисии кажуваше дека најмногу за една седмица по снимањето, емисиите биле емитувани. Повеќе од 20 години сум гостувал по разно разни национални и локални телевизии и многу добро знам како одат тие работи. Решив да и заѕвонам на госпоѓата Башеска да прашам зошто не се емитува емисијата. За жал од другата страна на линијата никој не се јави. Потоа и упатив порака на месинџер, на која за мое чудење не добив одговор. Дотогаш имав високо мислење за оваа госпоѓа, а оттогаш наваму можете да замислите што мислам за неа. Веќе бев сигурен дека се работи за тешка цензура, иако не ми се веруваше дека кон крајот на 19-тата година од новиот милениум на националниот сервис се` уште постои цензурата како обид за замолчување на демократските сили. Како истекуваше месец декември се` повеќе губев надеж дека емисијата ќе се прикаже. На мое големо изненадување на ден „Св. Никола“ - 19 декември некаде околу 19:30 часот една пријателка ме праша дали сум се гледал на МРТВ, на што јас одговорив негативно, бидејќи немав поим дека ќе се прикажува, бидејќи ниту добив известување од двете госпоѓи, ниту одел форшпан како најава, ниту пошироката јавност била запознаена дека токму на тој голем христијански празник кога сите во Скопје одат по слави и имендени, господата од МРТВ ќе решат да ја емитуваат емсијата (за да многу малку луѓе ја гледаат, бидејќи таму беа изнесени непобитни факти за едно од најголемите зла во нашето општество, а тоа несомнено е непотизмот). Почекав неколку дена и бидејќи на ФБ страната ниту на Јутјуб каналот на ТУНЕЛ не беше поставена емисијата се обратив на ФБ месинеџер кај уредничката госпоѓата Каленикова. Не одговори веднаш, туку по 3-4 денови со некој блед изговор дека сега биле празници и дека господата од МРТВ биле зафатени со снимање на новогодишната програма и дека таа како надворешна продукција немала никакво влијание врз снимателите во МРТВ. По завршувањето на празниците на 8 јануари повторно и пишав со замолница да ми го проследи линкот од емисијата бидејќи сакам да ја погледнам емисијата, бидејќи ми беше ветено од неа и затоа што сакав да ја споделам со пошироката јавност.  Во меѓувреме разбрав дека од водството на ФЗФ е извршено влијание врз водството на МРТВ и на продукцијата на емисијата ТУНЕЛ по ниту една цена да не ни се дозволи на мене и на професорот Ацески да стигнеме до линковите. Можете да замислите дека ниту пет дена по мојата замолница, јас немам добиено одговор, со што се потврдуваат моите сомнежи дека се работи за класична цензура и автоцензура од страна на уредничката која посака да снима емисија за непотизам, а овде од друга страна не го дава линкот од емисијата.
Затоа тука, на овој блог сакам да им упатам неколку јавни прашања на двете госпоѓи:
  1. Зошто по повеќе од два месеци од снимањето не го исполнивте ветувањето да ми го испратите линкот од емисијата?
  2. Зошто емисијата е емитувана по 40 дена од снимањето на ден „Св. Никола“ кога никој не гледа ТВ, туку сите одат по гости?
  3. Дали некој ви изврши притисок да не давате реприза, да не ја ставате емисијата на ФБ и на вашиот јутјуб канал? Многу би сакал да бидам демантиран и да ја добијам емисијата по што ќе го избришам овој пост.
  4. Дали е професионално да ветите нешто, па да не го исполните?
  5. Дали е професионално на познаник и на редовен професор да не му одговарате на повици, на месинџер, на пораки?
  6. Како планирате да ме погледнете во очи при некоја случајна средба во градот? Или вас не ви е гајле за вашите гости, битно е да се земе само хонорарот од емисијата?
Драги читатели, се` додека има вакви непрофесионални новинари, реализатори, водители, НЕ очекувајте професионално и независно новинарство во Македонија.

Раскажувачот