Thursday, March 5, 2026

Осврт кон 3. Меѓународен конгрес по болничка психијатрија во Белград

Почитувани колешки и колеги,

Чувствувам потреба да дадам кус осврт на неодамна одржаниот 3. Меѓународен конгрес по болничка психијатрија, а по повод 165 годишнината од постоењето на Клиниката за психијатриски болести „Д-р Лаза Лазаревиќ“ од Белград. Станува збор за значаен јубилеј кој сведочи за долгогодишната традиција на работа, научно творештво и посветеност кон психијатриската грижа и заштита на пациентите со психијатриски заболувања.

На самиот почеток би сакал да дадам краток осврт на околностите поврзани со моето учество на овој настан. Минатото лето, во август, додека бев на одмор, добив порака преку LinkedIn од колешката д-р Лилјана Симиќ, вработена во оваа установа, со прашање дали би сакал да бидам еден од поканетите предавачи на конгресот. И покрај летниот период и одморите, без двоумење веднаш ја прифатив оваа срдечна покана. Иако лично не се познававме, во претходните години имавме разменето неколку професионални пораки наплатформата LinkedIn. Во оваа пригода сакам јавно да ѝ се заблагодарам за поканата и за нејзината љубезност и поддршка за време на конгресот. Ми претставуваше особена чест да бидам поканет предавач и член на научниот одбор на овој значаен научен собир.

Конгресот се одржа од 3 до 4 март 2026 година во хотел Мона Плаза во Белград, релативно нов и модерен хотел со 4 ѕвездички, отворен во 2019 година, со одлични капшацитети за сместување и храна. Посебно треба да се спомене дека на отворањето салата за состаноци без проблем собра преку 220 учесници, а фасцинираше примената на 5 видеобим проектори. Како гости од странство имаше пет врвни предавачи, а за тоа може да се уверите овде доколку ја погледнете програмата. Посебно би сакал да истакнам дека успеав да издејствувам нашата татковина во програмата да биде наведена со вековното име Македонија, иако првично беше употребено поинакво именување. Благодарен сум на организаторите што со разбирање ги прифатија моите забелешки и ја направија потребната корекција.

Мојата презентација беше на крајот на првиот ден со почеток од 17:50 часот. Насловот беше: Улогата на исхраната во подобрување на цревната микробиота кај аутистичен спектар на нарупување. Иако немам таква обврска, сепак ја ставам на увид на стручната и научната јавност од Македонија. Само кликнете на претходниот линк и ќе ја имате во ПДФ верзија. Бидејќи последен очекувано бројот се редуцираше на 30-тина присутни. Мала група на слушатели, но одбрани луѓе, кои навистина ги интересира науката.

Пред моето доаѓање на конгресот не познавав лично ниту еден од учесниците, но за само два дена имав можност да запознаам повеќе извонредни професионалци со кои се надевам дека ќе се развие и продлабочи научната соработка во иднина. На крајот, сакам да упатам искрена благодарност и до менаџментот на клиниката за топлото гостопримство и одличната организација на овој значаен научен настан.

Раскажувачот





No comments:

Post a Comment