Сите вие кои што ме познавате подобро знаете дека еден од главните принципи во кои ги градам односите со моите колешки и колеги е лојалноста. Многу ме иритира вториот дел од насловот на овој пост, па затоа ќе направам еден осврт токму за него.
Поимот лојалност доаѓа од францускиот збор loyauté што означува верност и внатрешна поврзаност и изразување на таа поврзаност преку однесување кон лице, група на луѓе или одредена заедница. Лојалност значи да се дели системот на вредности со останатите и да се бранат ставовите на заедницата дури и тогаш кога се има поинакво мислење.
Во изминатиот период се соочував со огромна доза на нелојалност, па како човек што јавно ги изразува општествените аномалии, не можев да го премолчам ниту ова.
Не е лојално кон човекот што ве научил да ги пишувате првите научни трудови да му го вртите грбот. Воопшто не е лојално, дури е дрско и безобразно да се издигнувате себе си, клеветејќи го него/неа за да добиете повеќе поени кај другите. Не е лојално ниту тоа во организацијата каде што сте ги достигнале едни од најголемите стручни дострели да престанете да ја сакате, да одлучите да си формирате сопствена, само заради тоа што не сте станале претседател. Исто така не е лојално ако некому сте ветиле дека ќе ви биде ментор, да ја промените одлуката и да си одберете ментор со кој полесно, на пример, ќе станете магистер на науки. Не е лојалност ниту тоа кон тој кој ви бил професор и ве едуцирал да му градите непринципиелна коалиција и да го надгласувате, а притоа негов е редот за позицијата за која мислите дека е создадена токму за вас, а притоа не почитувате ниту хиерархија, ниту стручност, ниту ред и поредок на избор за функција. Никако не е лојално тој што ви бил ментор да го озборувате пред домашни и странски колеги. Уште помалку лојално и крајно некоректно е да не сте доктор по медицина, а да давате некому дијагнози. Нелојално и непрецизно е да сте добро платен за тоа што го сработувате и да зборите наоколу дека некој друг земал многу пари, а притоа тој другиот ве ставил во таква позиција да можете да земете добар хонорар. Нелојално и тажно е да кукате дека многу работите, а притоа сте добро платен и не дозволувате никој друг да работи заедно со вас за да може да земе и тој/таа некој денар. Нелојално е да критикувате некого кој бил патриот и не се сложил да учествува во труд под референцата ФИРОМ, а притоа вам воопшто да не ви пречи таа референца заради можноста да се приграбите до труд повеќе. Многу нелојално е кон тој што ви помогнал во градење на кариерата да му го свртите грбот и ладнокрвно да си ја терате својата агенда како ништо да не било. Нелојално и неетички е кога ќе си направите своја организација да сакате да држите две високи позиции во две организации. Не е лојално ниту тоа кон тој што ви бил ментор на дипломски труд и сега ви е ментор на магистерски труд да му свртите грб и тргнете по стапките на друг што ви ветил нешто за кое сметате дека ќе ве направи побогат. Ни малку не е лојално кон тој што ви наоѓал многу хонорари да му контрирате и притоа да се однесувате како ништо да не било. Секако, не е лојално да бидете член на ИО на некоја организација, а притоа не чините ништо за неа, туку само си ја ставате како активност во вашето CV. Сигруно не е лојално ниту тоа некој да ви е ментор за магистерски труд, а вие да сте основач на организација и ладнокрвно да си спроведувате обуки, а при тоа уште не сте ни магистер во таа област. Не е лојалност ниту тоа, кога некому ќе му понудите да го поддржите да се кандидра за раководна функција тој/таа не сакаат, а потоа кога вие ќе се кандидирате тие да не ве поддржат. Ни трунка не лојално да знаете дека некој е во право, а притоа гласате воздржан за да не се замерите со вториот.
Имам уште многу да пишувам за нелојалноста, но овде ќе запрам. Постот е наменет за сите оние кои ќе се препознаат во него.
Раскажувачот
No comments:
Post a Comment