Намерно почекав со објавување на овој пост, два дена од добивањето на наградата за најдобар научник во областа на медицинските и здравствените науки за 2017 година на УКИМ за да ми спласне субјективноста :). Имено, на 9 ноември во салата на ректоратот на УКИМ беа промовирани шесте научници од разни области кои покажале врвни резултати во областа на науката за 2017 година. Настанот се случуваше по повод денот на науката за мир и развој кој е на 10 ноември. Во оваа пригода сакам да се заблагодарам на целата комисија за наука при УКИМ кои го препознале мојот труд и решиле да го вреднуваат, а посебно на ректорот проф. Јанкуловски и проректорот за наука проф. Петрушевски кои ја предводеа оваа комисија. Сметам дека овие награди што ги воведе УКИМ од пред неколку години се најдоброто нешто што може да му се случи на еден научник во РМ. Затоа јавно ја поздравувам таа идеја. Сите што добро ме познаваат знаат дека не работам наука за пари, бидејќи ако беше така досега 100 пати ќе се откажев. Мора да се признае и дека вредноста од 60.000 денари ни малку не е симболична и за македонски услови претставува сосема солидна награда. Кога државата одделува само 0.2% од БДП што е мизерно, останува да се радуваме на вакви награди како мали деца што се радуваат на новогодишна играчка Но, повеќе духовниот аспект на наградата е тој кој што обврзува и да во наредниот период се работи уште пожестоко кон остварување и на повисоки цели. Сметам дека оваа награда доаѓа како едно заокружување на речиси еден четврт век работа како доктор по медицина, а 21 година работа на ФЗФ. А, пак уште поголемо е задоволството што доаѓа во предвечерјето кога ќе го прославам својот јубилеен 50-ти роденден.
Што напишаа медиумите за настанот можете да најдете овде.
Слики од настанот во прилог.
Еден од 6-те наградени
No comments:
Post a Comment