Почитувани колешки и колеги,
Сигурен сум дека некои од вас го очекуваа овој пост во изминатите 24 часа. Знам, должен сум да дадам свое видување на вчерашниот ден, светскиот ден посветен на лицата со аутизам. До пред 5 години кога во 2008 година за прв пат се одбележи овој ден посветен за лицата со аутизам 2 април беше само обичен ден, можеби некому роденден, некому годишница од брак, но сепак обичен ден. Од тогаш наваму се изменија многу работи. Во Македонија од 2 април 2011 година тој ден веќе не е обичен ден, кога за прв пат ние во МНЗА го одбележавме тој ден и со тоа покажавме дека лицата со аутизам не се сами во ова општество, не се така изолирани како што кажува дефиницијата за нивната состојба. Додека светот по шести пат го озваничува овој датум ние по трет пат го сторивме тоа. Ќе речете не сме многу зад светот. Одговорот е да, но само во поглед на чествување на овој датум.
Пред повеќе месеци дојдов на идејата дека оваа година треба да побарам прием кај Претседателот на Република Македонија господинот Ѓорге Иванов. Знаејќи дека госпоѓата Маја Иванова во последните 2 години неуморно се грижи да помогне на оваа ранлива категорија граѓани, бев сигурен дека Претседателот ќе не прими нас од МНЗА заедно со семејствата кои имаат дете со дијагнозата аутизам. Вчера видов дека не сум погрешил во моите предвидувања. Имено, вчера остваривме повеќе од срдечна средба ние петтмина членови на МНЗА, претседателот на здружението „Во мојот свет„, претседателот на „Националаната асоцијација за аутизам„ од Штип, претставничката на Ротари клубот „Кирил и Методиј„-Скопје, шест семејства со деца со аутизам и секако Претседателот на РМ и неговата сопруга. Средбата траеше еден час и на неа се разви плодна дискусија во која сите присутни земаа збор и кажаа за своите проблеми. Стана збор за немањето на систем за едукација и рехабилитација на оваа популација. Се потегна прашањето за постоење на регионални центри во кои ќе работат специјално обучени професионалци дефектолози, психолози и се разбира медицински персонал. Јас ја наметнав потребата за креирање национална стратегија за аутизам и секако национален регистер за лица со аутизам. Се постави прашањето што по смртта на родителите, кој и како ќе води грижа за возрасните лица со аутизам? Иако Претседателот господинот Иванов ја нема извршната власт, сепак сметам дека тој може да изврши големо влијание врз ресорните министерства. Тој дојде доста подготвен на состанокот, иако како правник не мораше да знае некои медицински и дефектолошки проблеми со кои се соочуваат овие лица. Импонираше топлината со која брачниот пар Иванови ги дочека децата со аутизам. Во таа прилика родителите си ги искажаа секојдневните проблеми со кои се соочуваат од немање доволно материјални средства за купување суплементи до проблеми со прифаќање во училиштата, недоволно обучен кадар и слично. Друг мој значаен предлог беше да собереме сили и да направиме една интернационална конференција за што побаравме патронство од господинот Претседател и секако помош од Ротари клубот и бизнис заедницата во Македонија. Свесен сум дека за ова се потребни многу финансии, на пример да донесете десетина врвни стручњаци од светот на аутизмот. Затоа и не ветуваме ништо. Заедно со мојот тим ќе направиме процена на расположливиот кадар и средства и ако ни се укаже пригода сигурно дека ќе ја искористиме.
Претседателот Иванов заедно со
сопругата Маја ги охрабрија претставниците на здружението и родителите и
натаму активно да се залагаат во соочувањето со предизвиците и
надминувањето на проблемите. Преку кампањи за подигнување на јавната
свест и поддршка за семејствата кои се засегнати, порача претседателот
Иванов, родителите ќе сфатат дека не се оставени сами и воедно ја
истакна потребата за подготвување на Национална стратегија за справување
со аутизмот. Претседателот Иванов, заедно со својата сопруга г-ѓа Маја
Иванова, порачаа дека ќе ја поддржат секоја иницијатива што ќе произлезе
од здружението и родителите на децата со аутизам.
На крајот изразив голема
благодарност до претседателот Иванов и до целиот кабинет, секако и до
госпоѓата Маја Иванова која што во последните две години дава посебен
белег на овој ден. Можам да кажам дека ова е историски ден за нас членовите на МНЗА и семејствата кои имаат лица со аутизам. На ваков настан неизбежни се фотографиите кои можете да ги симнете овде. Видео материјал од средбата направи господин Стојан Андонов за што му благодарам во оваа пригода. Јас дадов пообемна изјава за медиумите која ќе ја проследите на следниот линк. Медиумите истакнаа голем публицитет на настанот што може да се види на овој клик.
АУТИЗМОТ Е ПОЧЕСТ ОТКОЛКУ ШТО СИ ЗАМИСЛУВАТЕ!
Претседател на МНЗА
No comments:
Post a Comment