Tuesday, December 27, 2022

Излезе од печат учебникот „Академско пишување и објавување“

Почитувани колешки и колеги, драги студенти од сите три циклуси,

Со особена чест сакам да Ве известам дека денес, 27.12.2022 година излезе од печат долго очекуваниот учебник со наслов „Академско пишување и објавување“. Долг период во мене тлееше потребата да напишам вакво дело и да ја заокружам мојата издавачка дејност која ја започнав уште како секретар на редакцијата на списанието „Дефектолошка теорија и пратика во периодот 1998-2000 година. Потоа од 2004 до 2008 година бев заменик уредник, за да од ноември 2008 до септември 2017 година бидам и главен и одоговорен уредник на ДТП/JSER. Во меѓувреме бев и сум главен и одговорен уредни на Journal of ReAttach Therapy and Developmental Diversities (2018-2022), а од август годинава на Journal of Health and Rehabilitation Sciences. Со годините наназад се собираше искуство и материјали, за да во април 2021 година конечно решам да седнам и да почнам да го пишувам овој учебник. Тогаш и предложив на проф. д-р Наташа Ангелоска-Галевска од Инситутот за педагогија да биде коавтор. Бидејќи таа држи методолошки предмети, веднаш се согласи и одисејата започна. Поради некои здравствени проблеми речиси во текот на целата 2021 година не бев во можност да работам онака како што јас знам и умеам. Но, затоа, во оваа 2022 година запнав со полна пареа, подоцна се придружи и колешката и така во август го завршивме нашиот дел од работата. Потоа, следуваа редица процедури кои се неодминлив дел кога пишувате универзитетски учебник. Последните речиси две месеци учебникот се средуваше во печатницата, а тоа е прилично долг период. Но, нејсе, да не се жалам многу, важно е дека се „породи“ бебето. :)

Учебникот е посветен на сите студенти кои чувствуваат глад за науката.
Страниците на овој учебник првенствено се наменети за студентите од Филозофскиот факултет во Скопје и останатите факултети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои го избрале предметот Академско пишување и објавување и другите сродни предмети во текот на нивните студии. Учебникот може да биде корисен и за многу поширока популација, односно за сите оние кои се заинтересирани да сознаат повеќе за принципите и техниките на академското пишување и објавување. Академското пишување и објавување е начин на комуникација што треба да е усвоен и практикуван од сите членови на академската заедница.

Во овој пост сакам да се заблагодарам на сите кои на некој начин придонесоа да биде испечатен и да изгледа вака како што изгледа.
Голема благодарност до благодарност до Филозофскиот факултет во Скопје, кој и во овие тешки финансиски времиња издвои средства за печатење на учебникот. Многу сме им благодарни на рецензентите проф. д-р Мирко Спироски и проф. д-р Ана Димишковска за навремената и конструктивна рецензија на книгата. Благодарност заслужува секако и научната фондација „Спироски“ за издвоените средства за лектурата на овој универзитетски учебник. Лектурата за три седмици одлично ја заврши лекторката Љубица Севдинска, долгогодишен лектор со која со задоволство соработувам. Корицата маестрално ја подготви психологот Андреа Ивановска, мој одличен соработник во последните четири години.

Учебникот се продава во Студентскиот сервис на Филозофски факултет по цена од 600 денари. За многу кусо време ќе биде достапен во сите Студентски сервиси при факултетите на УКИМ. Можно е да го има и во други книжарници, ако не претераат сопствениците со високите маржи. Заинтересираните индивидуи кои се надвор од Скопје, ќе можат да го нарачаат по пошта, но затоа ќе треба платат дополнително и за брза пошта.

Доколку чувстувате глад за науката или доколку познавате некој што му треба учебникот, подарете им го како исклучителен подарок за Нова година и Божиќ. Во продолжение на постот можете да ја видите предната корица и содржината на учебникот за да знаете дека „не купувате мачка во вреќа“. Ете си направив реклама, другото е на Вас... :)

Раскажувачот



Потписи ФФА и ХГФ

Почитувани студенти,

Не знам чуму се зачестени е-пораки со прашања за потписи. Семестарот трае до 13.01.2023 година. За студентите од актуелната прва година и за презапишувачите потписи ќе давам по Божиќните празници, т.е. последната седмица од семестарот. За тоа ќе има објавено посебни блог постови. Имајте малку трпение, барем кај мене не сте останале покусо за тазе информација.

Предметен наставник

12. предавање ХГФ онлајн - 28.12.2022

Почитувани студенти од ИП,

На ваше барање за да бидете поподготвени за колоквиумот што го полагате кај колешката, ви го закажувам предавањето онлајн на платформата Мајкрософт Тимс за утре 28.12.2022 година. Предавањето е задолжително за сите студенти кои го имаат запишано предметот ХГФ. Предавањето е веќе закажано во 17:00 часот на МТ.

Се гледаме утре попладне.

Предметен наставник

Friday, December 23, 2022

Линк за конференцијата во Индија

Почитувани колешки и колеги, драги студенти

Пред неколку месеци преку Фејсбук ви соопштив дека МНЗА е соорганизатор на конференција во Индија со наслов: “Mental Health and Well-being in Post Covid Scenario: A Global perspective”. Онлајн сесијата ќе се одржи токму денес со почеток во 10:00 часот по македонско време. Мојата маленкост ќе има покането предавање со наслов: „Mental Health Issues During The COVID-19 Pandemic In Persons With Autism Spectrum Disorder“ околу 10:30 часот. Ги поканувам сите заинтересирани кои се слободни во тоа време да го проследат предавањето и конференцијата воопшто на следниот ЛИНК.


Претседател на МНЗА

Sunday, December 18, 2022

Собирање 15 ЕКТС поени до 25.12.2022

Почитувани студенти,

Уште еднаш сакам да ве потсетам дека доколку не сте освоиле 15 ЕКТС поени по сите мои предмети, а осоебно по предметите од овој семестар а тоа се: ХГФ и ФФА, тоа ќе можете да го сторите најдоцна до 25.12.2022 година во 23:59 часот. Ве известувам дека по 25.12. и до Божиќ нема да се занимавам со овие задачи. Затоа, ако сакате да полагате во јануарска сесија, ќе мора да доставите во Мајкрософт Тимс во специјално наменет фолдер (Assignments) или доколку немате пристап тогаш во Мудл ФЗФ платформата во исто така специјално креирана задача: Обработка на труд и интернет ресурси. По Нова година ќе имаме само втор колоквиум, семинари и давање на потписи. Потоа, веднаш започнува јануарската сесија.

Ви благодарам за рабзирањето

Предметен наставник

Wednesday, December 14, 2022

Информација за ЕКТС поени

Почитувани студенти,

Сакам да ве информирам дека јас уште викендот ги прегледав сите семинарски трудови што ми беа доставени на соодветно место во МТ, Мудл или во печатена верзија. Тоа што некој/а студент/ка прикачувал каде што тој/таа мислел дека треба, а не е соодветно, јас не знам и такво нешто не сум прегледал. Сите вие што наводно сте предале семинарска, а јас не сум ја добил на соодветно место и не сум ја прегледал, ве поканувам веднаш да ми ја доставите лично по предавањата или во мојот фах во библиотеката на ИСЕР. Поени праќам веднаш само за уредно електронски доставените семинарски трудови. Другите ќе си ја чекаат збирната Ексел табела во средината на јануари и ве молам да НЕ ми праќате е-пошта со прашања колку поени имате.

За студентите кои имаат 2 минуси на предавања и 2 на вежби, што автоматски повлекува 2 или 4 поени од минималните 15 поени, а притоа не освоиле доболен број поени од семинарската за да стигнат до 15 ЕКТС поени, треба ВЕДНАШ да побараат дополнителна активност.

Ви благодарам за разбирањето!

Предметен наставник

Tuesday, December 13, 2022

Термини за полагање испити од прв циклус на студии - јануари/февруари 2023

Почитувани студенти, 

Во прилог ви ги праќам термините за полагање на моите испити во јануарско-февруарската сесија 2023 година за студентите од прв циклус. Вие сте ДОЛЖНИ да запишете од задната страна на пријавата во која декада ќе полагате (прва или втора). Ќе има и анкета и ќе треба да ја пополните истата. Јас како предметен наставник го задржувам правото да го променам начинот и терминот заради присуство на виша сила или други фактори или повторно пламнување на пандемијата. Вие сте должни да го следите овој блог заради евентуални промени. Потребно е да се биде најмалку 15-тина минути пред терминот заради навремено сместување на студентите. Препишувањето и други форми на неакадемско однесување строго ќе бидат санкционирани. Пријавите и испитите пишувајте ги со читлив и разбирлив јазик.

Прва декада
23.01.2023  ХГФ и ФФА во Голем амфитеатар 08:00 часот

24.01.2023  ХГ и МОИ во Голем амфитеатар во 08:00 часот

Втора декада
06.02.2023 ХГФ во Голем амфитеатар во 08:00 часот

06.02.2023 ФФА во Голем амфитеатар во 08:00 часот

07.02.2023 ХГ во Голем амфитеатар во 08:00 часот

07.02.2023 МОИ во Голем амфитеатар во 08:00 часот


Предметен наставник

Monday, December 12, 2022

Информација до медиумите – повод едукативниот семинар на МНЗА за катастрофи

Почитувани претставници на медиумите,

Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) по повод завршување на проектот „Учам и ги надминувам своите граници“ има чест да Ве покани на промоцијата што ќе се одржи во понеделник на 12.12.2022 година во 12:00 часот во сала за седници на Филозофскиот факултет во Скопје.
Проектот е финансиран од Еразмус плус програмата на ЕУ и истиот го спроведуваме заедно со други 7 асоцијации од Турција, Италија и ЕДСА.
Проектот е наменет за изработка на образовни документи со специјална образовна методологија за да можат лицата со аутизам, Даун синдром или интелектуална попреченост да се стекнат со вештини за да го покажат вистинскиот курс на дејствување по катастрофи и вонредни ситуации.
Главните цели на овој проект се:Комуницирање со луѓе од доверба,
Да се остане безбеден,
Надминување на различни ризици од катастрофи и итни случаи.
На промоцијата ќе бидат прикажани резултатите од проектот. Повеќе информации за проектот може да се најдат на веб страниците: http://afadotizmdown.ogu.edu.tr/ и https://www.lebelproject.com/.

Покрај членовите на МНЗА ќе присуствуваат и членови од Дирекцијата за управување со кризи, претставници на Црвениот Крст на град Скопје, родители на деца со аутизам, Даун синдром, интелектуална попреченост и други невладини организации.
Во прилог на оваа информација ви ја праќаме и програмата на настанот и постерот за илустрација. Доколку сте заинтересирани за изјави Ве молиме најдоцна во 11:45 часот да бидете во салата за седници на Филозофскиот факултет во Скопје.

Белешки до уредникот
МНЗА е национална асоцијација со најдолг стаж од 22,5 години во полето на аутизмологијата во Македонија. Главна цел е да ги унапреди правата на лицата со аутизам и нивните семејства и да им помогне да го подобрат квалитетот на нивниот живот. Обезбедува ефективна и ефикасна врска со други меѓународни организации за аутизам и соработува со меѓународни научни и образовни институции. Членовите на МНЗА објавуваат книги, прирачници, памфлети, брошури, како и научни трудови во високо реномирани научни списанија со фактор на влијание.

Претседател на МНЗА

Monday, December 5, 2022

Деветто предавање ФФА - 06.12.2022

Почитувани студенти од ИСЕР,

Деветтото предавање ФФА што требаше да се одржи на празникот, го закажувам за утре (вторник) во 16:00 часот и тоа ќе се реализира онлјан на платформата Мајкрософт Тимс. Подгответе ја убаво вежбата за Ендокирн систем. Веднаш по предавањето следуваат вежбите.
Се гледаме утре!

Со почит,
Предметен наставник