Почитувани родители на нашите студенти,
Јас знам дека вие си ги сакате вашите деца, а наши студенти, но запомнете дека не им правите услуга доколку им бркате ургенции. Јас уште кога сум почнал на ФЗФ да работам сум кажал дека не држам родителски средби. Среќен сум што 99% од вас го почитуваат тоа. Но, секогаш има едно но, има и родители кои се дрски, безобразни, гледаат по секоја цена да дојдат до мене, за да нивното дете добие подарена 6-ка. Тоа кај мене го немало, го нема и нема да го има додека работам како професор. Не прифаќам ургенции и на моите студенти сум им рекол дека и сопствените ќерки би ги вратил од испит, ако не знаат. Друга работа е што нема да дозволам никогаш тие да се запишат на ФЗФ.
Е, сега ќе објавам еден пример во надеж дека дотичната госпоѓа ќе престане да ме вознемирува, навредува, клевети и употребува погрдни зборови.
Пред околу 4 години ми ѕвони телефонот од непознат број и се претставува како М.Ј. „другарка“ од основно училиште. Веднаш се сетив која е. Ми кажува дека ќерката и се запишала на ФЗФ и дека јас требало да го имам во предвид тоа. Најкултурно и одговорив дека урегенции не прифаќам и дека ќерката треба добро да седне и да го згрее столчето и да научи. Само така ќе помине како и сите други студенти чии родители не ми се „другари“. Со госпоѓата за време на училишните денови сме имале коректни односи (не премногу блиски, а повеќе би рекол и далечни). Студентката нејзината ќерка во изминатите 4 години полагаше по 1-2 пати кај моите испити и за жал не успеа. Во меѓувреме сигурно полагала други испити и сега веројатно дојде време за привршување на студиите. Нервозата во нивните редови почна да расте. Мајката другарка не бира дали е Бадник, викенд, не бира време кога ќе ѕвони на телефонот. Јас знаејќи зошто ме бара, намерно не и кревав, мислејќи дека е разбрана жена (центарско дете). Кога виде дека не одговарам, почна да пишува навредливи коментари, лаги и клевети за мене на ФБ (кои можеби некои од вас ги виделе, додека не ги избришав и не ја блокирав). Потоа, прати и СМС со исто така непристојна содржина, која не доликува на академски граѓанин. Но, нејсе го проголтав и тоа и секако ја ставив на игнор. Кога виде дека не и го почитувам ниското ниво на комуникација, почна да отвора лажни профили таа или некој нивен близок од типот „Зоран Стефановски“ и од таму почнаа да навредуваат, шиканираат и дејствуваат против мојот углед. Доколку некој од студентите ги видел, јас еве во нивно име се извинувам и се оградувам од сите блувотини изречени за мене таму. Блокиран е и лажниот профил на „Зоран“. Искрено се надевам дека нема да продолжат со отворање на нови профили и да ме вознемируваат.
Случајот денес е пријавен во секторот за компјутерски криминал во МВР (зградата на МРТ). Госпоѓата М.Ј. е пријавена и сите мои социјални мрежи се под компјутерски надзор. Претходно имам направено скриншотови од сите навредливи и лажни коментари. Како што пишавте на мојот пост дека ме следите, искрено се надевам дека ќе ви до дојде паметот и дека ќе престанете да ме следите (треба вашата ќерка да ме следи на блогот, а не вие). Следни законски чекори се објавување на цело име и презиме на мајката, судење за вознемирување, навреда, клевета и слично. Други чекори се објавување на името и презимето на ќерката студентка, па потоа не знам како ќе ги поголедне во очи своите колеги кога ќе знаат дека можеби и другите испити ги положила со ургенции. Друго е поведување на дисциплинска постапка пред ФЗФ, итн, итн. Ете гледате јас колку сум фин ве предупредувам на време да си знаете на што сте. Никому не му дозволувам да ми гази по честа и угледот, а најмалку на „школски“ другари и другарки. Да била вистинска другарка ќе знаела дека не примам ургенции и воопшто немало да ме бара и да ме притиска. „Другарката“ повеќе не сакам да ја видам.
На крајот да се обратам на ќерката студентка. Вие кога ќе научите слободно дојдете и кажете и на мајка ви и на тие „другите“ да ме олабават малку. Претпоставувам дека не сакате цел ФЗФ да ве знае која сте и да поведувам постапка против вас за вознемирување и бркање ургенции.
Во надеж дека разумот ќе надвладее, срдечно ваш.
Предметен наставник
No comments:
Post a Comment