Сакам да ве информирам дека денес15 септември 2014 година излезе од печат најновиот број на списанието Дефектолошка теорија и практика Вол.15., 3-4, 2014. Во продолжение ви го претставувам предговорот кон новиот број.
Драги читатели
Целта на секоја издавачка
канцеларија е зголемување на видливоста на списанието и достапноста до што
поголем број читатели и автори. Авторот на овие редови прави огромни напори во секојдневното
објавување текстови на Facebook, Twitter, Google+ и слични социјални медиуми
за да ја постигне таа цел. Во последнава година списанието бележи зголемена
метрика. На пример, Google Scholar на
списанието му додели вредности h5 index: 3; h5-median: 4. Од друга страна за првпат сме индексирани во значајната база на
податоци SCImago која е во директна врска со базата на
податоци Scopus. За 2013 година следуваат следниве библиометриски податоци: SNIP: 0.119; SJR: 0.12; IPP: 0.07. Во последниов месец списанието е повторно
поднесено за реевалуација во Medilne и резултатите ќе ги очекуваме до февруари 2015,
а за прв пат е поднесено за индексација во PubMed Central. Но, сепак, и покрај овие успеси, издавачката канцеларија не
може да обезбеди добар, квалитетен и исполнителен веб-администратор кој
доста стручно би ја одржувал онлајн верзијата на списанието која можете да
ја сретнете на следниот линк: http://jser.fzf.ukim.edu.mk. Ние искрено се надеваме дека издавачкиот совет ќе најде мотиви и финансии
да обезбеди непречено работење на овој мошне значаен дел за списанието.
Ефектот
од обуката за емоционална интелигенција на бихејвиоралните проблеми на момчињата
со екстернализирани
бихејвиорални нарушувања во основните
училишта е насловот на првиот труд од рубриката Психолошко-педагошки
преглед. Рубриката продолжува со трудот на авторката Моника Рејченберг
која прави осврт на структурирани дискусии за текст и нивното значење за
читањето со разбирање на учениците во посебните училишта. Авторките Метка
Новак и Мајда Кончар ни прикажуваат еден практичен труд под наслов: Улогата на групите за поддршка во соработката меѓу родителите на децата
со интелектуални пречки и стручниот кадар. Трудот Методологија
на предавање и испрашување за лица со визуелно оштетување: систем во Индија
и во Јапонија
е поместен во рубриката Искуства и новини во светот.
Во рубриката Вести
и информации читателите ќе се запознаат како беше одбележан во нашиот
град 2 април - Меѓународниот ден на лицата со аутизам. Ирена Новаческа пишува
за меѓународниот конгрес на студентите од Едукациско-рехабилитацискиoт
факултет во Загреб, одржан од 11 до 13 април оваа година. Последните
вести од овој број се за меѓународниот
симпозиум Современи медицински
ставови за трисомија 21 и аутизам одржан
во мај во Хрватска. Потоа следува апстрактот од еден одбранет докторски
труд од колешката Александра Каровска-Ристовска под наслов: Компаративна анализа на
структурата на американскиот и на македонскиот знаковен јазик.
Како и
во сите изминати броеви, така и во овој ќе ги забележите
редовните рубрики: Библиографија,
Листа на рецензенти и Индекс на
автори.
Објавувањето на научни
трудови во интернационални списанија од страна на магистрантите и докторандите
не треба да претставува само обврска и должност на секој млад научник, туку
тоа треба да претставува и благородна задача во насока на себепрепознавање и
зголемена видливост на младите колеги во светот на науката. Кој ова не може
да го разбере изгледа дека залутал во научните води.
|
|
Со почит,
Главен и одговорен уредник
|
No comments:
Post a Comment