Monday, September 29, 2014

Отворено писмо до Министерот за здравство на Република Македонија

Почитувани читатели,
Иако, не сакав писмото што го напишав до Министерот за здравство да го правам отворено, сепак заради неговиот игнорантски однос кон мене и кон Македонското научно здружение за аутизам решив ова писмо да стане достапно до јавноста. Морам да застанам во одбрана на личниот дигнитет и на дигнитетот и интегритетот на многу наши членови на МНЗА  и други професионалци кои директно или индиректно го третираат овој серизоен невроразвоен проблем. За нас е нејасно како тој јавно во емисијата „Јади бурек„ на Сител 3 ТВ која е доста гледана изјавува дека не постои ниту еден експерт за аутизам? Дали воопшто не знае за нашето постоење или не множи со нула и со тоа сака да ги оправда парите потрошени за тнр. експерти Американци едукатори? Дали сиот мој ангажман во полето на аутизмот не е релевантен за него? Што треба да направам јас и моите колеги од здружението за да го добиеме епитетот ексепрт за аутизам? За таа цел во прилог му испратив список на мои трудови објавени за аутизмот во последните 15 години. Ако сето ова не е доволно, тогаш навистина немам дополнителен коментар. Во продолжение интегрално ви го проследувам моето писмо до него, за кое ниту по 7 дена нема никаков одговор од неговиот кабинет. Со таквите постапки и изјави на Министерот и сите други релевантни фактори се девалвира македонската наука и практика.
Претседател на МНЗА


До
Министерот за здравство на Р. Македонија
Г-дин Никола Тодоров

Предмет: реакција на изјава на Министерот за здравство во емисијата „Јади бурек# na Sitel 3 televizija

Почитуван Министер господин Тодоров,

Ви се обраќаме повод Вашата изјава во емисијата „Јади бурек# емитувана на Сител 3 телевизија на 18.09.2014 година. Имено, на снимката на емисијата околу 31 минута од вашиот разговор со домаќинот на емисијата велите: „Во Македонија нема никакви експерти за аутизам#. Ние во Македонското научно здружение за аутизам сме длабоко навредени и понижени затоа што со таа изјава ги доведувате македонските граѓани во заблуда и во исто време ја поништувате нашата 14 годишна работа на полето на аутизмот. Не можеме да сфатиме како советниците околу Вас досега не Ве брифирале за нашето постоење и дејствување со оваа вулнерабилна популација. Доколку сакавте да изјавите дека во Македонија нема експерти за АБА методата, тогаш ќе можеме да Ве разбереме, бидејќи сте во право. Ние во здружението високо ги цениме и поддржуваме Вашите напори за реформи во здравството, едукации на лекарите во земјата и странство и јавно ги поздравуваме. Но, со последниот ангажман на тнр. експерти за аутизам од САД и со потценувањето на нашите професионалци направивте грешка, бидејќи колегите од САД можеби се експерти во логопедијата, дефектологијата, педијатријата, оторино­ларингологи­јата, но никако не можат да се наречат експерти за аутизам, бидејќи ако ги проверите во најрелевантната база на податоци за медицина, а тоа несомнено е PubMed ќе видите дека немаат објавено ниту еден труд за аутизам. За ова имам пишувано на мојот блог и доколку имате време Ве молам одете на овој линк http://vladotra68.blogspot.com/2014/09/blog-post_19.html каде што можете да најдете детална анализа за нивниот научен опус. Во интервјуто велите професори, а од нив дали двајца беа професори и тоа пензионирани, кои пак бараа од публиката помош при поставување на одредено прашање, на кое за срамота не знаеја да дадат точен и правилен одговор. Од овие тнр. експерти не беа задоволни ниту повеќето родители за кои што предавањата можеби им беа наменети, но предавањата беа испод секое ниво за професионалците од Р. Македонија.
Господине Министре,
Вашата генерализација дека во Македонија нема никави експерти за аутизам навистина боли и омаловажува. Замислете си некој да рече: „Правниците во здравството не се никакви експерти#. Сигурни сме дека ќе се најдете повреден од таквата паушална изјава. Со аутизмот се замимавам 15 години, имам напишано два учебници за аутизам, десетици објавени трудови во земјата и странство од кои неколку од нив во списанија со фактор на влијание (список на трудови во прилог), десетици учества на семинари и конференции во земјата и странство (во прилог), многу учества на трибини, ТВ емисии, изјави за весници, давам психосоцијална помош и поддршка на родителите и тоа не само јас туку тоа го чинат и некои други членови и тоа за вас е ирелевантно? Барем еднаш да н¡ консултиравте нас кои експерти да ги повикате, па да Ве советуваме што треба да се направи за аутизмот во Македонија, каква треба да биде стратегијата, сигурно дека немаше да дојде до ваква грешка од која многу луѓе излегоа незадоволни. За да видите дека во здружението има сериозни имиња на македонската медицина, дефектологија, психологија, социјална работа, Ви праќаме список на членови (во прилог). Ве молиме да не се обидувате политички да нѐ обојувате, бидејќи ова обраќање нема врска со политиката, бидејќи ние членовите на МНЗА не ни помислуваме да се бавиме со политика. Доколку сте доблесен, а немаме причина да не веруваме дека сте, Ве молиме во некоја наредна изјава ненамерната грешка да ја исправите со тоа што ќе се извините на членовите на МНЗА и ќе ја коригирате изјавата во смисол дека во Македонија сепак постојат експерти, но тоа не е доволно што би била коректна и точна изјава и би ја отсликувала реалната состојба. Доколку сметате дека тоа е премногу што го бараме, Ви стоиме на располагање да повикате делегација од 3 членови на разговор со Вас со цел појаснување на нашите активности и заложби, а сѐ со една цел: а тоа е подобар и поквалитетен живот на оваа популација на граѓани што верувам дека е заедничка цел и на нашето здружение и на Министерството за здравство на Република Македонија на чие чело сте Вие. Во надеж дека најдобронамерно ќе ја сфатите оваа забелешка, срдечно Ве поздравуваме.


22.09.2014                                                     Претседател на МНЗА,
Скопје                                                     Проф. д-р Владимир Трајковски

No comments:

Post a Comment