Monday, September 8, 2014

Мементо 1991-ва

Драги мои,
На овој ден, ден на независноста на Република Македонија како да не се присетите на таа 1991 година. Година полна со одлуки, година на распаѓање на една држава СФРЈ и креирање на нова. Toa е годината кога Југославија ја растури Италија во финалето на евробаскетот на нејзин терен, а кога во текот на првенството Словенецот Јуре Здовц ја напушти репрезентацијата.


Војната во Словенија започна кон крајот на тој јуни и за среќа траеше кратко, за да веднаш потоа започне во Хрватска и наредната година во Босна и Херцеговина. Јасен беше распадот на Југославија. Како неминовност се наметна референдумот кој за македонскиот народ беше „да се биде или не„. На 8 септември утрото станав рано, како да ја претчуствував гоемината на тој ден. Се упатив кон гласачкото место и недвосмислено се одлучив за независна Македонија. Тоа беше ден во кој македонскиот народ се одлучи за самостојна држава, кој денес го славиме. Не случајно е наречен третиот Илинден, светол ден за Македонија. Тој ист ден братучедка ми Маја ја роди Александра, својата прва ќерка, уште поголема радост во семејството. Вечерта прослава на плоштадот Македонија и мекици кај моите роднини.


Тоа е годината во кој прославив 23 години, толку колку што денес слави Македонија. Година во која ја започнав четврта година на студии на Медицинскиот факултет во Скопје. Во таа година за прв пат се одважив во кафе баровите да пуштам македонска и бившо југословенска музика цела вечер, кога никој не го чинеше тоа. Првата целовечерна забава со екс Ју музика ја направивме во кафе барот „Борзои„. Кој беше сигурно ќе се сети на прекрасната атмосфера. Во таа година на Макфест победија Словенците Поп Дизајн со песната „Дајте ги рацете„, песна со универзална порака.


Годината заврши со прекрасна Новогодишна журка со 30-тина луѓе кај другар ми Анчо, екстрапопуларниот Фејсбукер Рз Брзотрз. Не знам дали уште некој прави такви журки по дома. Не сум убеден во тоа. Од песните таа вечер се сеќавам дека највеќе ја вртевме „Учи ме ме мајко карај ме„ од легендарните Леб и Сол.


Зборот ми беше, нека ни е вечен денот, нека ни е вечна татковината Македонија!

No comments:

Post a Comment