Friday, September 19, 2014

Мој коментар за Американците едукатори

Почитувани колешки и колеги,
Дозволете да дадам свој краток осврт за Американците-едукатори кои изминатата недела беа во нашата држава за да ги едуцираат нашите доктори, дефектолози, психолози, останати професионалци и се разбира родителите на децата со аутистичен спектар на нарушувања. 
Прво и основно не беше јасно дали се во организација на Министерството за здравство или во организација на некоја си самаријанска организација предводена од одредени родители на дете со аутизам. Ако е второто можам и да го простам нивото на одржани предавања. Но, ако е првиот организатор, тогаш тешко можам да се помирам со судбината дека народни пари се отидени во погрешни џебови. Секоја чест за Минситерот господин Тодоров кој се гледа дека сака да внесе новини во Министерството, праќа доктори на едукации на странски универзитети, повикува странски експерти во нашата држава кои треба да им помогнат на нашите доктори во кардиохирургијата, на пример. Но, овој пат мислам дека луѓето околу него погрешно го брифирале и информирале. Луѓето што дојдоа можеби се експерти за логопедија, дефектологија, окупациона терапија, оториноларингологија и педијатрија, но НИКАКО не беа експерти за аутизам. Се доби впечаток дека предавачите го потценија аудиториумот и мислеа дека се наоѓаат во Африка, и дека овде никој нема поим од тоа што е аутизам. Предавањата беа општи, без многу практични примери и без она што е неопходно за нашите колеги, на пример едукација за ABA, TEACCH, Son-Rise програмите и слично. Помладите колеги ме прашуваа што се случува, не знаев да им објаснам бидејќи не бев вклучен во организацијата. Овие предавања можеби беа корисни за родителите (иако и кај некои од нив имаше негативни реакции), но никако и за професионалците во областа. За да не се случи некој да ме обвини дека сум љубоморен или самобендисан потрошив малку време во пребарување на најрелевантна база на податоци за медицинари, а тоа несомнено е PubMed. Предавачите имаа подготвено по две предавања и сите тие ги вртеа во петте дена. Но, да одиме со ред.
Педијатарката Sarojini Budden инаку во пензија имаше навистина здодевно предавање во МАНУ во вторникот и зборуваше за работи што јас им ги говорам на моите студенти по предметите ХГ и МОИ. Насловот на нејзиното предавање беше: Autism and Spectrum Disorders: Diagnosis, screening tools, recognizing co-morbidities, management and treatment options. Не научивме ништо ново од тоа. Да се разбереме во салата имаше најмалку 2 академици, десетина и повеќе професори, итн. Нели е малку понижувачки да не им се понуди на нив врвна наука, туку да им се нуди предавање за студент по дефектологија. Сепак ако го вчукате нејзиното име на PubMed  ќе добиете дека она има осум трудови од кои шест се однесуваат на Рет синдром за кој ништо не зборуваше, а баш ќе беше добро да предава за него, бидејќи она е повеќе експерт за Рет синдром отколку за аутизам.
Вториот кој сакам да го анализирам е д-р Bob Buckendorf кој е внимавјате доктор на науки по логопедија, а зборуваше на тема Continuum of interventions and therapy for Autism. Тоа беше главната ѕвезда на Американците, и замислете логопед дава изјава на канал 5 ТВ дека вакцините немаат никаква поврзаност и тие немаат никави штетни ефекти по здравјето на луѓето. Значи логопед, а не имунолог, инфектолог, педијатар дава изјава за вакцини, а притоа и во самата изјава можеше да се види дека не е баш експерт за аутизам. Да се разбереме не ги спорам неговите логопедски квалитети, го спорам како експерт за аутизам. Е сега, тој господин кога ќе го истражите на најсилната база за медицина ќе го добиете овој одговор за научни трудови No items found.
Третата госпоѓа Brubaker Kristin окупационен терапевт, можеби знае за сензорна интегрција, не велам не, но госпоѓата нема ниту еден труд објавено. Ако јас ве лажам, PubMed никако
Четвртата предавачка беше Karen Robbins, дефектолог и таа им зборуваше на родителите дека со многу љубов можат да постигнат многу резултати. Зар има родител кој не знае дека треба да биде позитивен со детето и да му пружа љубов. Ако со тоа се третираше аутизмот, досега во Македонија сите деца ќе беа опоравени. Зад нејзиното име има шест референци, но 4 не се нејзини бидејќи обработуваат субспецијалистички медицински теми. Најверојатно дека само референците 3 и 4 се нејзини, а кај другите или има други иницијали, или се работи за трудови од анестезиологија, хепатитис Б, терапија со железо кои дефектолог не може да ги обработува. Ќе се сложите дека никаде не се споменува аутизмот на следниот линк
Петтиот „експерт за аутизам„ е оториноларингологот, пензионираниот James D. Smith кој ни предаваше Evidence Based Medicine in Autism Spectrum Disorders. Кога го прашаа родителите во каква доза се прима Рисперидон, кутриот човек бараше помош од публика. Експертите во вчерашната дискусија во хотел Порта немаа чуено за Son-Rise програмата, и имаа многу други дупки во знаењето за аутизам. Ова го увидов и од личните разговори на паузите. Неговото име се појавува 19 пати на PubMed, но ниту еден труд не е негов. Заради честотата на имињата Smith JD во американската периодика затоа се јавува 19 пати, но тоа се други доктори. Имено тоа се трудови за колоректален карционом, за жива, за Alpha T-catenin (CTNNA3): a gene in the hand is worth two in the nest.. Дури и да сакаме да веруваме дека барем еден е негов труд, повторно ќе увидиме дека никаде не се споменува аутизмот. Овде е доказот за тоа.
Драги мои пријателки и пријатели,
Од учтивост седев на предавањата и од пуста надеж да чујам нешто ново. Но, не го дочекав тоа. Малку ми е криво што тоа време не го посветив на моите ќерки, но нејсе човек се учи додека е жив. Но, сето тоа и би поминало доколку мојот драг другар од детството А.А: утрово не ме информираше дека вчера на емисијата „Јади бурек„ Министерот за здравство изјвил дека тоа се најголемите експерти во САД и дека во Македонија нема никакви експерти за аутизам. Ова ќе морам да го проверам на линкот на емисијата Сител 3 и ако е така навистина е жално што Министерот не е информиран дека во Македонија 14 години постои Македонско научно здружение за аутизам (МНЗА) со експерти доктори по медицина, дефектолози, психолози, социјални работници. Не знам дали советниците околу него навистина не знаат или намерно го бојкотираат нашето здружение. Да не консултираа нас, сигруно дека ќе им препорачавме вистински експерти. Но, тоа е друга работа, ќе се обидам деновиве да му упатам писмо на Министерот за здравство за да го информирам за моите 15 годишни стручни, научни, хуманитарни и останати активности на полето на аутистичниот спектар на нарушувања.
Не знам дали ќе се сложите или не со ова мое видување на последните збиднувања во аутизмологијата во Македонија, но едно е јасно ова НЕ беа експерти за аутизам од САД и во Македонија има луѓе кои многу повеќе знаат за аутизмот од ценетите дами и господа кои најверојатно беа платени со државни пари.
Претседател на МНЗА



No comments:

Post a Comment