Monday, September 29, 2014

Отворено писмо до Министерот за здравство на Република Македонија

Почитувани читатели,
Иако, не сакав писмото што го напишав до Министерот за здравство да го правам отворено, сепак заради неговиот игнорантски однос кон мене и кон Македонското научно здружение за аутизам решив ова писмо да стане достапно до јавноста. Морам да застанам во одбрана на личниот дигнитет и на дигнитетот и интегритетот на многу наши членови на МНЗА  и други професионалци кои директно или индиректно го третираат овој серизоен невроразвоен проблем. За нас е нејасно како тој јавно во емисијата „Јади бурек„ на Сител 3 ТВ која е доста гледана изјавува дека не постои ниту еден експерт за аутизам? Дали воопшто не знае за нашето постоење или не множи со нула и со тоа сака да ги оправда парите потрошени за тнр. експерти Американци едукатори? Дали сиот мој ангажман во полето на аутизмот не е релевантен за него? Што треба да направам јас и моите колеги од здружението за да го добиеме епитетот ексепрт за аутизам? За таа цел во прилог му испратив список на мои трудови објавени за аутизмот во последните 15 години. Ако сето ова не е доволно, тогаш навистина немам дополнителен коментар. Во продолжение интегрално ви го проследувам моето писмо до него, за кое ниту по 7 дена нема никаков одговор од неговиот кабинет. Со таквите постапки и изјави на Министерот и сите други релевантни фактори се девалвира македонската наука и практика.
Претседател на МНЗА


До
Министерот за здравство на Р. Македонија
Г-дин Никола Тодоров

Предмет: реакција на изјава на Министерот за здравство во емисијата „Јади бурек# na Sitel 3 televizija

Почитуван Министер господин Тодоров,

Ви се обраќаме повод Вашата изјава во емисијата „Јади бурек# емитувана на Сител 3 телевизија на 18.09.2014 година. Имено, на снимката на емисијата околу 31 минута од вашиот разговор со домаќинот на емисијата велите: „Во Македонија нема никакви експерти за аутизам#. Ние во Македонското научно здружение за аутизам сме длабоко навредени и понижени затоа што со таа изјава ги доведувате македонските граѓани во заблуда и во исто време ја поништувате нашата 14 годишна работа на полето на аутизмот. Не можеме да сфатиме како советниците околу Вас досега не Ве брифирале за нашето постоење и дејствување со оваа вулнерабилна популација. Доколку сакавте да изјавите дека во Македонија нема експерти за АБА методата, тогаш ќе можеме да Ве разбереме, бидејќи сте во право. Ние во здружението високо ги цениме и поддржуваме Вашите напори за реформи во здравството, едукации на лекарите во земјата и странство и јавно ги поздравуваме. Но, со последниот ангажман на тнр. експерти за аутизам од САД и со потценувањето на нашите професионалци направивте грешка, бидејќи колегите од САД можеби се експерти во логопедијата, дефектологијата, педијатријата, оторино­ларингологи­јата, но никако не можат да се наречат експерти за аутизам, бидејќи ако ги проверите во најрелевантната база на податоци за медицина, а тоа несомнено е PubMed ќе видите дека немаат објавено ниту еден труд за аутизам. За ова имам пишувано на мојот блог и доколку имате време Ве молам одете на овој линк http://vladotra68.blogspot.com/2014/09/blog-post_19.html каде што можете да најдете детална анализа за нивниот научен опус. Во интервјуто велите професори, а од нив дали двајца беа професори и тоа пензионирани, кои пак бараа од публиката помош при поставување на одредено прашање, на кое за срамота не знаеја да дадат точен и правилен одговор. Од овие тнр. експерти не беа задоволни ниту повеќето родители за кои што предавањата можеби им беа наменети, но предавањата беа испод секое ниво за професионалците од Р. Македонија.
Господине Министре,
Вашата генерализација дека во Македонија нема никави експерти за аутизам навистина боли и омаловажува. Замислете си некој да рече: „Правниците во здравството не се никакви експерти#. Сигурни сме дека ќе се најдете повреден од таквата паушална изјава. Со аутизмот се замимавам 15 години, имам напишано два учебници за аутизам, десетици објавени трудови во земјата и странство од кои неколку од нив во списанија со фактор на влијание (список на трудови во прилог), десетици учества на семинари и конференции во земјата и странство (во прилог), многу учества на трибини, ТВ емисии, изјави за весници, давам психосоцијална помош и поддршка на родителите и тоа не само јас туку тоа го чинат и некои други членови и тоа за вас е ирелевантно? Барем еднаш да н¡ консултиравте нас кои експерти да ги повикате, па да Ве советуваме што треба да се направи за аутизмот во Македонија, каква треба да биде стратегијата, сигурно дека немаше да дојде до ваква грешка од која многу луѓе излегоа незадоволни. За да видите дека во здружението има сериозни имиња на македонската медицина, дефектологија, психологија, социјална работа, Ви праќаме список на членови (во прилог). Ве молиме да не се обидувате политички да нѐ обојувате, бидејќи ова обраќање нема врска со политиката, бидејќи ние членовите на МНЗА не ни помислуваме да се бавиме со политика. Доколку сте доблесен, а немаме причина да не веруваме дека сте, Ве молиме во некоја наредна изјава ненамерната грешка да ја исправите со тоа што ќе се извините на членовите на МНЗА и ќе ја коригирате изјавата во смисол дека во Македонија сепак постојат експерти, но тоа не е доволно што би била коректна и точна изјава и би ја отсликувала реалната состојба. Доколку сметате дека тоа е премногу што го бараме, Ви стоиме на располагање да повикате делегација од 3 членови на разговор со Вас со цел појаснување на нашите активности и заложби, а сѐ со една цел: а тоа е подобар и поквалитетен живот на оваа популација на граѓани што верувам дека е заедничка цел и на нашето здружение и на Министерството за здравство на Република Македонија на чие чело сте Вие. Во надеж дека најдобронамерно ќе ја сфатите оваа забелешка, срдечно Ве поздравуваме.


22.09.2014                                                     Претседател на МНЗА,
Скопје                                                     Проф. д-р Владимир Трајковски

Список на трудови за аутизмот од проф. д-р Владимир Трајковски

Почитувани колешки и колеги,
Често слушаме во јавноста дека во Македонија немало експерти за аутизам, никој ништо не знаел, па еве дури и неинфомирани министри сакаат да ја поништат нашата 15 годишна и подолготрајна работа. За таа цел, а не за да се фалам многу го споделувам списокот на мои трудови кои сум ги објавил, а се однесуваат на аутизмот. Да се разбереме некои од овие трудови се обајвени во списанија со фактор на влијание, други се објавени во списанија со меѓународни уредувачки одбори. Исто така објавени се и публицирани апстракти од учества на семинари, конгреси и конференции. Ако ова не е доволно за да бидеш професионалец во областа, тогаш нека ми дефинира Министерот за здравство што е експерт за аутизам.
Авторот

Термини за консултации зимски семестар 2014

Почитувани колешки и колеги,
За сите вас што се уште не ги знаете термините за консултации во овој семестар кај мене, решив да ви ги проследам истите. Тоа се:
Понеделник: 10:00 до 12:00 часот,
Вторник: 10:00 до 12:00 часот
Термините важат до 31.12.2014 година
Предметен наставник

Friday, September 26, 2014

Ariana Grande - Break Free ft. Zedd

Драги мои,
Петок навечер, време за малку релаксација. Да го освежиме блогов со малку музика. Ова е еден од моите хитови за оваа есен Ariana Grande - Break Free ft. Zedd. Утре ќе пишувам за посериозни теми, така што сега уживајте во спотов.
DJ Wats


Први предавања ХГ и ФФА

Почитувани студенти,
Решив да ги споделам со вас видеоклиповите од првите предавања по предметите Хумана генетика и Физиологија со функционалана анатомија што ги имав постирано минатата година на овој блог. Ви посакувам пријатно учење.
Предметен наставник

Соопштение за студентите од Институтот за психологија

Почитувани студенти од Институтот за психологија,
Ви се обраќам вам 12 студенти кои го одбравте предметот Генетика да го слушате кај мене. Уште еднаш ви благодарам на довербата и сакам да ве информирам дека за жал предавања и вежби нема да имате во текот на овој семестар. Исто така, поради големиот број на студенти и малата предавална не можам да ви дозволам да слушате заедно со студентите од Институтот за дефектологија. Вчера упатив барање до Деканот и в.д. Секретарот на ФЗФ и денес добив негативен одговор кој ќе ви го проследам интегрално во продолжение на овој пост. Правилата налагаат да има 15 студенти за да се одржат предавања и вежби со една група на студенти. Доколку успеете да најдете уште три студенти кои не се определиле за професор по предметот Генетика тогаш ќе можеме да организираме настава. И покрај мојата голема желба да ви држам предавања и вежби за жал тоа во овој момент не е возможно. Искрено се надевам на разбирање од ваша страна.
Предметен наставник

Почитуван професоре Трајковски,
Во врска со вашето прашање ве известуваме дека согласно Одлуката за организирање настава за изборните предмети бр. 02-947/7 од 15.10.2006 година, за изборните предемети се организира настава, само доколку предметната програма ја избрале најмалку 15 студенти. Оваа одлука се уште е во сила и се применува во однос на исплаќањето на надоместок на плата, односно член 18 од Одлуката за плати и надоместоци на плати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Филозофски факултет- Скопје.
Со почит,
Катерина Пејкова

Wednesday, September 24, 2014

Содржина на предметната програма по предметот Физиологија

Почитувани студенти од Институтот за писхиологија,
Во прилог е содржината на предметната програма по предметот Физиологија:

  • Поим и дефиниција на физиологијата;
  • Регулирачките системи за одржувањето на внатрешната хомеостаза; 
  • Физиологијата на клетката; 
  • Физиологија на мускулниот систем; 
  • Физиологија на нервниот систем. Комуникација во невронот; Централен нервен систем; Периферен нервен систем; Голем мозок; 'Рбетен мозок; Продолжен мозок; Среден мозок; Мал мозок; Меѓумозок; Вегетативен нервен систем; Условни рефлекси; 
  • Физиологија на сонот; 
  • Систем на сетила; 
  • Ендокрин систем; 
  • Емоции, учење и паметење.

Предметен наставник

Содржина на предметна програма по предметот Генетика

Почитувани студенти од Институтот за психологија,
Во прилог ви ја проследувам предметната програма по предметот Генетика. Во учебникот под истите наслови може да ги најдете и поглавјата кои се неопходни за учење. Нека е со среќа почетокот на семестарот.


  • Вовед во генетика; 
  • Класична генетика; 
  • Структурна организација на клетката; 
  • Цитогенетика; 
  • Молекуларни основи на наследувањето; 
  • Наследување и видови наследувања; 
  • Промени во наследните чинители (аберации и мутации); 
  • Генетика на полот; 
  • Пренатално дијагностички методи; 
  • Студии во психогенетика; 
  • Генетски аспекти на аутизам; 
  • Генетски аспекти на психијатриски нарушувања; 
  • Генотерапија; 
  • Генетско советување.

Предметен наставник

Monday, September 22, 2014

Список за вежби по предметот ФФА

Почитувани студенти,
Во прилог ќе можете да го најдете списокот за вежби по предметот Физиологија со функционална анатомија. Поделени сте и по овој предмет во две групи и групите се неменливи. Не се дозволени никакви замени на групи заради другарски, роднински односи и слични ваши потреби. Вежбите ќе се одржуваат во истата лабораторија на Педагошкиот факултет и потребно е да се биде 15 минути порано пред самата лабораторија. Вежбите започнуваат на 2 октомври 2014 година за група 1, а група 2 ќе има во петок на 3 октомври. Доколку ве нема на списокот, а сте редовен студент, или сте вонреден студент што се пријавил да оди редовно на вежби или пак сте повозрасна генерација и треба да преслушувате задолжително да ми пратите електронска пошта за да ви одредам група.
Предметен наставник

Список за вежби по предметот ХГ

Почитувани студенти,
Во прилог ќе можете да го најдете списокот за вежби по предметот Хумана генетика. Поделени сте во 2 групи и групите се неменливи. Не се дозволени никакви замени на групи заради другарски, роднински односи и слични ваши потреби. Вежбите ќе се одржуваат во истата лабораторија на Педагошкиот факултет и потребно е да се биде 15 минути порано пред самата лабораторија. Вежбите започнуваат на 2 октомври 2014 година за група 1, а група 2 ќе има во петок на 3 октомври. Доколку ве нема на списокот, а сте редовен студент, или сте вонреден студент што се пријавил да оди редовно на вежби или пак сте повозрасна генерација и треба да преслушувате задолжително да ми пратите електронска пошта за да ви одредам група.
Предметен наставник

Силабуси по предеметите ХГ и ФФА

Почитувани студенти од прва година,
Во прилог ви ги доставувам силабусите за одржување на наставата по предметите Хумана генетика и Физиологија со функционална анатомија. Како што веќе знаете на 25 и 26 септември ќе ги имаме воведните предавања по овие предмети, т.е. ќе биде направено запознавање со содржините на предметите, текот на наставата, потребна литература и слично. Би било убаво силабусите да си ги симнете и да ги отпечатите за да знаете што ќе се предава во текот на наредните седмици. Предавањата ќе се одржат во лабораторијата на Педагошкиот факултет во Скопје на вториот спрат со почеток во 8 часот и 15 минути. Вие сте должни да бидете присутни таму 15 минути пред почетокот на часот.
Предметен наставник

Friday, September 19, 2014

Мој коментар за Американците едукатори

Почитувани колешки и колеги,
Дозволете да дадам свој краток осврт за Американците-едукатори кои изминатата недела беа во нашата држава за да ги едуцираат нашите доктори, дефектолози, психолози, останати професионалци и се разбира родителите на децата со аутистичен спектар на нарушувања. 
Прво и основно не беше јасно дали се во организација на Министерството за здравство или во организација на некоја си самаријанска организација предводена од одредени родители на дете со аутизам. Ако е второто можам и да го простам нивото на одржани предавања. Но, ако е првиот организатор, тогаш тешко можам да се помирам со судбината дека народни пари се отидени во погрешни џебови. Секоја чест за Минситерот господин Тодоров кој се гледа дека сака да внесе новини во Министерството, праќа доктори на едукации на странски универзитети, повикува странски експерти во нашата држава кои треба да им помогнат на нашите доктори во кардиохирургијата, на пример. Но, овој пат мислам дека луѓето околу него погрешно го брифирале и информирале. Луѓето што дојдоа можеби се експерти за логопедија, дефектологија, окупациона терапија, оториноларингологија и педијатрија, но НИКАКО не беа експерти за аутизам. Се доби впечаток дека предавачите го потценија аудиториумот и мислеа дека се наоѓаат во Африка, и дека овде никој нема поим од тоа што е аутизам. Предавањата беа општи, без многу практични примери и без она што е неопходно за нашите колеги, на пример едукација за ABA, TEACCH, Son-Rise програмите и слично. Помладите колеги ме прашуваа што се случува, не знаев да им објаснам бидејќи не бев вклучен во организацијата. Овие предавања можеби беа корисни за родителите (иако и кај некои од нив имаше негативни реакции), но никако и за професионалците во областа. За да не се случи некој да ме обвини дека сум љубоморен или самобендисан потрошив малку време во пребарување на најрелевантна база на податоци за медицинари, а тоа несомнено е PubMed. Предавачите имаа подготвено по две предавања и сите тие ги вртеа во петте дена. Но, да одиме со ред.
Педијатарката Sarojini Budden инаку во пензија имаше навистина здодевно предавање во МАНУ во вторникот и зборуваше за работи што јас им ги говорам на моите студенти по предметите ХГ и МОИ. Насловот на нејзиното предавање беше: Autism and Spectrum Disorders: Diagnosis, screening tools, recognizing co-morbidities, management and treatment options. Не научивме ништо ново од тоа. Да се разбереме во салата имаше најмалку 2 академици, десетина и повеќе професори, итн. Нели е малку понижувачки да не им се понуди на нив врвна наука, туку да им се нуди предавање за студент по дефектологија. Сепак ако го вчукате нејзиното име на PubMed  ќе добиете дека она има осум трудови од кои шест се однесуваат на Рет синдром за кој ништо не зборуваше, а баш ќе беше добро да предава за него, бидејќи она е повеќе експерт за Рет синдром отколку за аутизам.
Вториот кој сакам да го анализирам е д-р Bob Buckendorf кој е внимавјате доктор на науки по логопедија, а зборуваше на тема Continuum of interventions and therapy for Autism. Тоа беше главната ѕвезда на Американците, и замислете логопед дава изјава на канал 5 ТВ дека вакцините немаат никаква поврзаност и тие немаат никави штетни ефекти по здравјето на луѓето. Значи логопед, а не имунолог, инфектолог, педијатар дава изјава за вакцини, а притоа и во самата изјава можеше да се види дека не е баш експерт за аутизам. Да се разбереме не ги спорам неговите логопедски квалитети, го спорам како експерт за аутизам. Е сега, тој господин кога ќе го истражите на најсилната база за медицина ќе го добиете овој одговор за научни трудови No items found.
Третата госпоѓа Brubaker Kristin окупационен терапевт, можеби знае за сензорна интегрција, не велам не, но госпоѓата нема ниту еден труд објавено. Ако јас ве лажам, PubMed никако
Четвртата предавачка беше Karen Robbins, дефектолог и таа им зборуваше на родителите дека со многу љубов можат да постигнат многу резултати. Зар има родител кој не знае дека треба да биде позитивен со детето и да му пружа љубов. Ако со тоа се третираше аутизмот, досега во Македонија сите деца ќе беа опоравени. Зад нејзиното име има шест референци, но 4 не се нејзини бидејќи обработуваат субспецијалистички медицински теми. Најверојатно дека само референците 3 и 4 се нејзини, а кај другите или има други иницијали, или се работи за трудови од анестезиологија, хепатитис Б, терапија со железо кои дефектолог не може да ги обработува. Ќе се сложите дека никаде не се споменува аутизмот на следниот линк
Петтиот „експерт за аутизам„ е оториноларингологот, пензионираниот James D. Smith кој ни предаваше Evidence Based Medicine in Autism Spectrum Disorders. Кога го прашаа родителите во каква доза се прима Рисперидон, кутриот човек бараше помош од публика. Експертите во вчерашната дискусија во хотел Порта немаа чуено за Son-Rise програмата, и имаа многу други дупки во знаењето за аутизам. Ова го увидов и од личните разговори на паузите. Неговото име се појавува 19 пати на PubMed, но ниту еден труд не е негов. Заради честотата на имињата Smith JD во американската периодика затоа се јавува 19 пати, но тоа се други доктори. Имено тоа се трудови за колоректален карционом, за жива, за Alpha T-catenin (CTNNA3): a gene in the hand is worth two in the nest.. Дури и да сакаме да веруваме дека барем еден е негов труд, повторно ќе увидиме дека никаде не се споменува аутизмот. Овде е доказот за тоа.
Драги мои пријателки и пријатели,
Од учтивост седев на предавањата и од пуста надеж да чујам нешто ново. Но, не го дочекав тоа. Малку ми е криво што тоа време не го посветив на моите ќерки, но нејсе човек се учи додека е жив. Но, сето тоа и би поминало доколку мојот драг другар од детството А.А: утрово не ме информираше дека вчера на емисијата „Јади бурек„ Министерот за здравство изјвил дека тоа се најголемите експерти во САД и дека во Македонија нема никакви експерти за аутизам. Ова ќе морам да го проверам на линкот на емисијата Сител 3 и ако е така навистина е жално што Министерот не е информиран дека во Македонија 14 години постои Македонско научно здружение за аутизам (МНЗА) со експерти доктори по медицина, дефектолози, психолози, социјални работници. Не знам дали советниците околу него навистина не знаат или намерно го бојкотираат нашето здружение. Да не консултираа нас, сигруно дека ќе им препорачавме вистински експерти. Но, тоа е друга работа, ќе се обидам деновиве да му упатам писмо на Министерот за здравство за да го информирам за моите 15 годишни стручни, научни, хуманитарни и останати активности на полето на аутистичниот спектар на нарушувања.
Не знам дали ќе се сложите или не со ова мое видување на последните збиднувања во аутизмологијата во Македонија, но едно е јасно ова НЕ беа експерти за аутизам од САД и во Македонија има луѓе кои многу повеќе знаат за аутизмот од ценетите дами и господа кои најверојатно беа платени со државни пари.
Претседател на МНЗА



Wednesday, September 17, 2014

Parents Forum



Hotel Porta, Aerodrom, Skopje
6:00 – 9:00 PM Thursday 18/09/2014
1)    Sensory Integration and Treatment Strategies (Kristin Brubaker, Occupational Therapy)
2)    Siblings, Stresses and Strategies (Karen Robbins, Special Education)
3)    Evidence Based Medicine in Autism Spectrum Disorders (Dr.  Smith, Otolaryngology)
4)    Small Group Discussion on how to Develop Support Groups/Report and Discussion

Потребна литература за студентите од прва година

Почитувани студенти од прва година,
Сакам уште еднаш за тие што не беа присутни на воведното запознавање да ја посочам литературата и да ги видите визуелно кориците од моите учебници и практикуми. Убаво е да се купуваат македонски производи на сопствен мајчин јазик. Нека ви е со среќа учебната година!

Трајковски В. Хумана генетика, Филозофски факултет, Институт за дефектологија, Скопје, 2005.
 

Трајковски В. Практикум по Хумана генетика, Филозофски факултет, Институт за дефектологија, Скопје, 2003.


Трајковски В. Физиологија со функционална анатомија на човекот. Филозофски факултет, Институт за дефектологија, Скопје, 2009.


Трајковски В, Рашиќ О. Практикум по Физиологија со функционална анатомија. Филозофски факултет, Институт за дефектологија, Скопје, 2009.


Предметен наставник

Tuesday, September 16, 2014

Прифатен наш труд во списание со импакт фактор - Ophthalmic Еpidemiology

Почитувани колешки и колеги,
Со задоволство сакам да ве информирам дека е прифатен уште еден наш труд во списание со импакт фактор - Ophthalmic Еpidemiology. Неговиот импакт фактор за 2013 изнесува 1.271. Автори на трудотр се: Antonela Ljubic, Vladimir Trajkovski, Milorad Tesic, Biljana Tojtovska, Branislav Stankovic. Насловот на трудот е Ophthalmic manifestations in children and young adults with Down syndrome and congenital heart defects. Кога ќе биде објавен ќе добиете подетални податоци.
Коавторот 

Monday, September 15, 2014

Излезе од печат најновиот број на ДТП/JSER Вол.15., 3-4, 2014

Почитувани читатели,
Сакам да ве информирам дека денес15 септември 2014 година излезе од печат најновиот број на списанието Дефектолошка теорија и практика Вол.15., 3-4, 2014. Во продолжение ви го претставувам предговорот кон новиот број.

Драги читатели

Целта на секоја издавачка канцеларија е зголемување на видливоста на списанието и достапноста до што поголем број читатели и автори. Авторот на овие редови прави огромни напори во се­кој­днев­ното објавување текстови на Facebook, Twitter, Google+ и слични социјални медиуми за да ја пос­тигне таа цел. Во последнава година списанието бележи зголемена метрика. На пример, Google Scholar на списанието му додели вредности h5 index: 3; h5-median: 4. Од друга страна за прв­пат сме индексирани во значајната база на податоци SCImago која е во директна врска со ба­за­та на податоци Scopus. За 2013 година следуваат следниве библиометриски податоци: SNIP: 0.119; SJR: 0.12; IPP: 0.07. Во последниов месец списанието е повторно поднесено за реева­луа­ција во Med­ilne и резултатите ќе ги очекуваме до февруари 2015, а за прв пат е поднесено за ин­дек­­сација во PubMed Central. Но, сепак, и покрај овие успеси, издавачката канцеларија не може да обез­­беди добар, квалитетен и исполнителен веб-администратор кој доста стручно би ја одржувал он­­лајн верзијата на списанието која можете да ја сретнете на следниот линк: http://jser.fzf.ukim.edu.mk. Ние искрено се надеваме дека издавачкиот совет ќе најде мотиви и фи­на­н­сии да обезбеди непречено работење на овој мошне значаен дел за списанието.
Во вашите раце е бројот 3-4 за 2014 година. Авторите од Словенија во првата рубрика Де­фек­то­лош­ко-стручната проблематика пишуваат за инклузивното образование за слепи и слабовидни уче­ни­ци во Словенија. Во вториот труд од оваа рубрика направен е преглед на програмите за спе­ци­јално образование во државата Јордан каде што се опишани сегашните практики, нивните пре­диз­вици со кои се соочуваат и какви перспективи имаат за иднината. Рубриката завршува со при­каз на рецидивизмот по третман во дисциплински центар за малолетници во Босна и Хер­це­го­ви­на. Ефектот од обуката за емоционална интелигенција на бихејвиоралните проблеми на мом­чи­ња­та со екстернализирани бихејвиорални нарушувања  во основните училишта е насловот на пр­ви­от труд од рубриката Психолошко-педагошки преглед. Рубриката продолжува со трудот на ав­тор­ката Моника Рејченберг која прави осврт на структурирани дискусии за текст и нивното зна­че­ње за читањето со разбирање на учениците во посебните училишта. Авторките Метка Новак и Мај­да Кончар ни прикажуваат еден практичен труд под наслов: Улогата на групите за поддршка во соработката меѓу родителите на децата со интелектуални пречки и стручниот кадар. Тру­дот Методологија на предавање и испрашување за лица со визуелно оштетување: систем во Ин­ди­ја и во Јапонија е поместен во рубриката Искуства и новини во светот.
Во рубриката Вести и информации читателите ќе се запознаат како беше одбележан во нашиот град 2 април - Меѓународниот ден на лицата со аутизам. Ирена Новаческа пишува за ме­ѓу­на­род­ни­от конгрес на студентите од Едукациско-рехабилитацискиoт факултет во Загреб, одржан од 11 до 13 април оваа година. Последните вести од овој број се за меѓународниот симпозиум Сов­ре­ме­ни ме­дицински ставови за трисомија 21 и аутизам одржан во мај во Хрватска. Потоа следува ап­страк­тот од еден одбранет докторски труд од колешката Александра Каровска-Ристовска под нас­лов: Ком­паративна анализа на структурата на американскиот и на македонскиот знаковен ја­зик.
Како и во сите изминати броеви, така и во овој ќе ги забележите редовните рубрики: Биб­лио­гра­фи­ја, Листа на рецензенти и Индекс на автори.
Објавувањето на научни трудови во интернационални списанија од страна на магистрантите и док­торандите не треба да претставува само обврска и должност на секој млад научник, туку тоа тре­ба да претставува и благородна задача во насока на себепрепознавање и зголемена видливост на младите колеги во светот на науката. Кој ова не може да го разбере изгледа дека залутал во науч­ните води.

Со почит,
Главен и одговорен уредник



 

Симпозиум за педијатриски невроразвојни нарушувања



МАКЕДОНСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ ЗА ПСИХОФИЗИОЛОГИЈА во склоп на своите активности има чест да Ве покани на Симпозиум за педијатриски невроразвојни нарушувања, кој ќе се одржи на 16 септември (вторник) од 10 до 14 часот во МАНУ.

ПРОГРАМА


  1.  MODELS OF LANGUAGE DISORDERS IN CHILDREN: DELAYS, DISORDERS, AND NORMAL LANGUAGE DEVELOPMENT - Dr. Bob Buckendorf- Assistant Clinical Professor, Oregon Health Science University.
  2. DIFFERENTIAL DIAGNOSIS OF NEURO-MOTOR DISORDERS - Dr. Sarojini Budden - Oregon Health and Sciences University & Pediatric Development Program Neonatal Follow up Clinic, Legacy Emanuel Children’ Hospital, Portland, Oregon.
  3. DYSLEXIA:  RECOGNITION AND REMEDIATION’S - Karen Robbins - Special Education, Vancouver, Washington School System.
  4. SENSORY INTEGRATION AND TREATMENT STRATEGIES - Kristin Brubaker, Occupational Therapy, Adjunct Faculty, Clinical Instructor, University of Puget Sound School of Occupational Therapy, Tacoma, WA.
  5.  EVALUATION OF SCHOOL READINESS - Karen Robbins, Special Education, Vancouver, Washington School System.
 
Со почит,                                                                            
Акад. Нада Поп-Јорданова
Претседател на Здружението