Sunday, December 30, 2018

Објавени 2 нови труда во фотофинишот на 2018

Почитувани колешки и колеги, драги пријатели,

Еве кон крајот на оваа за мене успешна 2018 година да соопштам дека се објавени уште два нови труда. Првиот беше објавен како коавторски труд на 28.12.2018 и може да се цитира вака:
Petrusevska B, Trajceska L, Mladenovska D, Trajkovski V, Sikole A. Predictors of Disability in Hemodialisis Patients. Journal of Morphological Sciences 2018; 1(2):65-68.
На 29.12.2018 беше објавен мојот авторски труд:
Trajkovski V. Health Condition in Persons with Autism Spectrum Disorders. Journal for ReAttach Therapy and Developmental Diversities. 2018 Dec 29; https://doi.org/10.26407/2018jrtdd.1.12
Со кликнување на линковите на насловите на трудовите може да се симнат трудовите со отворен пристап. Ете, со ова заокружувам уште една успешна професионална година.
На здравје!
Авторот

Saturday, December 29, 2018

Семинар ФФА - 10.01.2019

Почитувани студенти од Институтот за дефектологија,
Ве известувам дека семинарот по Физиологија со функционална анатомија ќе се одржи на 10.01.2019 година со почеток во 09:00 часот во лабораторијата на Педагошки факултет доколку биде поправено парното греење. Доколку не биде ќе добиете нова информација на 09.01.2019 година. Вие треба да бидете дојдени 5-10 минути порано. Сите што се пријавија за семинарот да ги достават своите Power Point презентации на студентката А.Ш. најдоцна до 04.01.2019, а таа на мене најдоцна до 05.01.2019 година во 15:00 часот. Упатство како да направите добра презентација ви е постирано на овој блог пред некој ден. Семинарот е задолжителен за сите студенти, а веднаш по него ќе ви бидат дадени и потписи. По потписите останува да одговараат оние студенти кои ќе треба да надополнат до 15 ЕКТС поени. Заради виша сила го задржувам правото на промена на термините. Вие сте должни да го следите овој блог редовно.
Предметен наставник

Семинар ХГФ - 09.01.2019

Почитувани студенти од Институтот за психологија,
Ве известувам дека семинарот по Хумана генетика и физиологија ќе се одржи на 09.01.2019 година со почеток во 09:00 часот во електронската лабораторија. Вие треба да бидете дојдени 5-10 минути порано. Сите што се пријавија за семинарот да ги достават своите Power Point презентации на студентката М.Ј. најдоцна до 04.01.2019, а таа на мене најдоцна до 05.01.2019 година во 15:00 часот. Упатство како да направите добра презентација ви е постирано на овој блог пред некој ден. Семинарот е задолжителен за сите студенти, а веднаш по него ќе ви бидат дадени и потписи. По потписите останува да одговараат оние студенти кои ќе треба да надополнат до 15 ЕКТС поени. Заради виша сила го задржувам правото на промена на термините. Вие сте должни да го следите овој блог.
Предметен наставник

Wednesday, December 26, 2018

Како да направите добра power point презентација

Драги мои студенти
Во пресрет на семинарите за две седмици сакам да ви дадам некои напатствија како да направите добра  power point  презентација. Искрено се надевам дека нешто од ова ќе го примените во вашите презентации. 

Презентирањето е процес на пренос на информации и притоа треба да внимавате на сите детали и да имате добар контакт со публиката. При презентирањето треба да знаете на која целна публика и се обраќате (во училиште, на клиника, на институт, презентирање на семинарски труд, научен труд, приказ на проект, итн.). Презентацијата е помош за предавачот, а не негова замена. Слајдот треба да ги нагласи битните елементи од предавањето и да укаже на тоа што предавачот го зборува. Слајдот треба да е кус, директен и да вклучува само клучни зборови. За да може вашата презентација да биде прикажана на екран или ѕид, текстовите и сликите треба да бидат во рамка од 95% од слајдот.
Структурата на презентација треба да изгледа вака:
Прв слајд: од кој универзитет, факултет, институт доаѓате, наслов на темата, датум и каков тип на случување е тоа, кој е предавачот.
Втор слајд: основна порака за да привлечете што поголемо внимание.
Трет слајд: преглед на презентацијата (содржина на пример).
Останати слајдови: на врвот наслов на секој слајд и важни елементи кои треба да се потсетник за предавачот. Сите слајдови треба да се нумерирани.
Последен слајд: контакт информации (електронска пошта, веб страница, Фејсбук адреса, блог, Твитер и сл.).
Треба да се придржувате до формата на слајдовите. Наслови, поднаслови и логоа треба да се појавуваат на исто место на сите слајдови. Маргините, фонтовите и боите треба да се во склад со графиконите кои секогаш треба да се наоѓаат на исто место во секој слајд.
Конкретно времетраењето за презентација на семинарските трудови ќе изнесува 10 минути што значи дека треба да имате помеѓу 10 и 15 слајдови.
Не смее да има пренатрпаност на слајдовите со многу текст. Не треба да има вишок на информации. Понекогаш графиконите и сликите можат да се префрлат на други слајдови.
Фонтовите треба да бидат читливи и доволно големи. За основен текст големина најмалку 24, за поднаслови 32, а за наслови 36, 40, или поголеми. Препорачани фонтови се: Times New Roman, Arial, Tahoma, Verdana во МК поддршка за кирилица. Фонтот треба да биде стандардизиран низ целата презентација. Италик не користете бидејќи е тешко за читање. Потцртување се прави само за хиперлинкови. Користете друга боја или болдирање ако сакате нешто да потенцирате. Курзив се користи за цитати, да нагласи одредено мислење или идеи, за наслови на книги, или на списанија. Треба да изберете прикладни, контрастни бои кои треба да се складни со позадината и да не биде прешарено. Користете иста позадина за секој слајд, не експериментирајте премногу. Менувањето на стилот на позадината го одвлекува вниманието. Не користете позадини во кои текстот ќе биде слабо читлив. Секогаш треба да се води сметка за контрастот на боите. При избор на боја водете сметка за просторијата и светлината во неа. Ако просторијата е темна, позадината може да биде темна со светли букви (прим. сино и жолто). Ако просторијата е светла, подобро да се користи светла позадина со темни букви.  За графиконите, сликите и шемите бидете сигурни дека публиката може да ги прочита. Графиконот е визулено поприфатлив начин за претставување на броеви, отколку табела. Илустрациите користете ги кога ќе ви затребаат. Треба да се однесуваат на главната порака, на поентата на предавањето. Едноставните дијаграми се одлични за комуникација со публиката. Графиконите, сликите и анимациите придонесуваат за разбивање на монотонијата во предавањето. При изборот на анимација бидете внимателни да не се одвлече вниманието на слушателите од главната приказна на предавачот. Користете набројување со бројки кога има логични сукцесивни чекори.
Не ги користете медиумите да се сокриете позади компјутерот или проекторот. Медиумите треба да ја подобрат презентацијата, а не да бидат презентација сами по себе. Треба да направите проверка на расположливото време, да се проба предавањето во домашни услови. Предолгите презентации одтануваат недоискажани, а пак прекусите презентации оставаат повеќе време за прашања. Испратете ја презентацијата за проверка дали е се во ред со фонтовите, со кодеците, со други додатоци. Имајте секогаш резервен план, на пример ако користите интернет и тој не функционира. Воопшто не треба да сте нервозни и да имате трема. Понекогаш може да се уфрли досетка, тоа го привлекува вниманието и ја разбива монотонијата, но не смее да се претера. Првиот впечаток е најбитен, не се извинувајте однапред, почекајте да се стиша публиката и почнете со голема сигурност во себе. Изразувајте се разбирливо, бидете доволно гласни, движете се ако можете. Мора да дадете енергичност во предавањето, зашто ако ви е досадно вам, тогаш секако и на публиката ќе и биде досадно. Менувајте го тоналитетот, нагласувајте, а ако треба малку и бидете драматични. Имајте контакт со очи со целата публика, а не гледајте само во една точка. Комуцирајте и со публиката и со комисијата ако се работи за одбрана на дипломски, магистерски или докторски труд.

Во однос на семинарите сакам да укажам на сите пријавени презентери дека вашите презентации претставниците на групите треба да ми ги пратат најдоцна до сабота 05.01.2019 година до 15 часот преку Гугл драјв. Фајлот треба да биде именуван на следниот начин: име и презиме на презентерот-цртичка-наслов на семинарската-цртичка-кус наслов по кој предмет е семинарската работа.
Пример: Благородна Каранфиловска-Генетски дисциплини-ХГФ. Во продолжение уште напомени за добра презентација.

Во надеж дека малку ви помогнав во вашите презентации, срдечно ве поздравувам.
Предметен наставник

15 ЕКТС поени - 28.12.2018

Почитувани студенти,
По четрвти пат овој месец во петок на 28.12.2018 ви давам шанса да си ги завршите обврските за 15 ЕКТС поени. Исто така за било кој друг вид на консултации можете да дојдете во терминот од 11:00 до 13:30 часот. По празниците само уште на 04.01.2018 и 08.01.2019 ќе има вакви консултации и потоа започнува сесијата. Кога има сесија јас не можам да завршувам активности од овој тип. Сите кои нема да освојат 15 ЕКТС поени нема да можат да полагаат во јануарската сесија, туку обврските им се префрлаат за јунската сесија, а ќе мора да ги завршат до 30.04.2019 година.
Ви благодарам на разбирањето!
Предметен наставник

Tuesday, December 25, 2018

Список на освоени поени од семинарски труд - ФФА 2018

Драги студенти од Институтот за дефектологија,
Во прилог ви го праќам списокот на освоени поени од семинарските трудови по предметот Физиологија со функционална анатомија. Ете во рекордно време успеав да ги прегледам сите 41 доставени семинарски трудови. За вашите грешки пишував во минатиот пост. Вие најдобро си знаете колку минуси имате од предавња и вежби. Ќе си ги соберете заедно со овие поени и доколку немате 15 ЕКТС поени ќе треба задолжително да земете задача во четврток и најдоцна до 10.01.2019 година да ја завршите доколку сакате да полгате во јануарска сесија. Доколку не ја завршите до тој рок, тогаш помеѓу февруари и мај ќе мора да ја завршите за да полагате во јунската сесија.
Во прилог списокот на освоени поени во Ексел формат.

Предметен наставник

12-то предавање ХГФ - 26.12.2018

Драги студенти,
Утре е последното предавање за овој семестар. Потоа ви останува уште една обврска да дојдете на 09.01.2019 година, но тогаш нема да има предавање. Утре ќе говорам за генетски аспекти на некои психопатолошки појави, психијатриски нарушувања и генетика на аутизмот. Предлагам да ги погледнете следните видео клипови:










Предметен наставник

Најчести грешки во изработката на семинарските трудови - 2018

Драги студенти од двата института,
Сакам да ви укажам на најчестите грешки кои ги правите за да биде и добар водич за студентите од идните генерации. Инаку, за 10 дена успеав да прегледам 115 семинарски трудови и 29 обработки на стручни трудови. И тоа не е се`, во наредните две седмици ќе имам уште доста работа како некои од вас би можеле да ги освојат тие „волшебни" 15 ЕКТС поени. Многу малку од вас го отвориле водичот за изработка на семинарски труд на овој блог. Тоа е голем проблем, бидејќи не ги почитувате моите насоки и потоа освојувате мал број на поени. Најголемата грешка е што 95% од вас не цитираат (особено дефектолозите), што се смета за плагијат. Некои препишуваат цели делови од мојата книга, а тоа не е поентатата, туку треба да се консултира дополнителна литература и таа да се објасни со свои зборови. Треба да имате цитирано најмалку 6 референци, а некои од студентите користат само 2-3. Семинарскиот труд треба да има 10 страници, но за некои од студентите  има од 12-14 страници. Од технички аспект не се користи фонтот, проредот, изедначувањето на маргините што е посочено во водичот. Сликите често се неозначени без легенда што тие значат. Некои студенти воопшто не ставаат слики за илустрација. Често пати пишувате за патологија и патофизиологија на одредени болести, а тоа не се бара од вас. Понекогаш заклучоците се несоодветни за пишуваниот текст, а кај некои и воопшто нема заклучок. Веб страниците ви се наведени само како линкови без притоа да се наведе кој е авторот, насловот на страницата и сл. Во литература прво се пишуваат авторите на делото без титули, па насловот, па град, издавач, година, итн. Само да сте ги отвориле моите книги ќе сте виделе како се ннаведува литература. Малкумина ја имаат целосно промашено темата. Поради сите овие недостатоци може да имате од 1 до 9 поени, а само три студентки од Институтот за психологија успеаја да освојат 10 поени. Им честитам во оваа пригода. Забележете ги овие недостатоци и грешки и не ги повторувајте во вашите идни семинарски трудови, особено студентите од Институтот за дефектологија кои ќе треба да прават семинарски по ХГ и МОИ. Семинарски труд не се купува на пазар, семинарски труд не се прави „за да помине редот". Семинарски труд се прави со голема љубов, посветеност, трошење време, консултирање на многу литература (една од студентките што има 10 поени консултирала 13 референци).
Во однос на обработката на труд, ви пишав некои напомени пред некој ден на овој блог. Главно е дека треба да има цели 2 страници со единечен проред и на крај задолжително правилно да биде наведена референцата која треба да биде на еден од светските јазици и да биде од стручно и научно списание, а не извадок од книга или учебник.

Предметен наставник

Monday, December 24, 2018

Список на освоени поени од семинарски и обработка на труд - ХГФ 2018

Почитувани студенти,
Во прилог е првата верзија на Списокот на освоени поени од вашите семинарски трудови и обработка на трудови. Истата ви ја споделувам за да си вкалкулирате колку поени имате заедно со присуството на предавања. Ако сте биле на сите предавања и ако бидете на уште двете до крај ќе добиете 10 поени. Доколку имате од 1 до 3 минуси тоа ви повлекува еден поен помалку. Студентите што имаат три минуси ќе мора устно да ја одговараат семинарската работа за да добијат потпис. Над 3 минуси не давам потпис и предметот не смее да се полага, туку ќе се преслушува наредната година. Студентите што сметаат дека нема да освојат 15 ЕКТС поени должни се да дојдат утре во терминот за консултации и да земат задача.
Списокот во Ексел формат можете да го симнете овде.
Предметен наставник

15 ЕКТС поени - 25.12.2018

Почитувани студенти,
Ве поканувам утре (вторник) 25.12.2108 година од 10:30 до 12:00 часот да си ги завршите сите обврски околу 15 ЕКТС поени. Повторувам: ниту еден студент нема да може да полага без потпис или без да освои 15 ЕКТС поени. Истиот термин може да се искористи за друг вид на консултации.
Предметен наставник

Преслушувачи потписи - 25.12.2018

Почитувани студенти,
Сите вие кои ги преслушувате моите предмети ќе можете да земете потпис утре (25.12.2018 година) во библиотеката на Институтот за дефектологија од 10:00 до 10:30 часот. Пожелно е секој самостојно да земе потпис.
Предметен наставник

Sunday, December 23, 2018

15 ЕКТС поени - 24.12.2018

Почитувани студенти,
Ве поканувам утре (понеделник) 24.12.2108 година од 10:00 до 12:00 часот да си ги завршите сите обврски околу 15 ЕКТС поени. Повторувам: ниту еден студент нема да може да полага без потпис или без да освои 15 ЕКТС поени. Истиот термин може да се искористи за друг вид на консултации.
Предметен наставник

Friday, December 21, 2018

Напомени за обработка на труд

Почитувани студенти,
Бидејќи забележувам дека некои од вас прават доста грешки околу обработката на трудот сакам да дадам дополнителни напомени. Имено, обработката на трудот треба да има најмногу три страници и тоа една насловна и две полни страници текст со единечен проред. Трудот треба да биде обработен со свои зборови и во него не се цитира. Кон крајот на последната страница треба да се наведе автор, наслов на труд, списание, година, волумен, број, пагинација на страници. Маргините на фајлот треба да бидат по 2,5 см од сите страни. Студентите што правеле обработка од книга или учебник, други нерелевантни извори добија многу малку поени. За предност ќе се земе ако трудот е објавен во врвно списание на англиски јазик и датира од последните 5 години. Може да се обработи и од другите светски јазици доколку студентот го познава тој јазик, а не да му биде обработен трудот од друго лице. Не се прифаќаат извори од Википедија, трудови од балканското говорно подрачје и слично. Студентите од Институтот за психологија кои го положија првиот колоквиум доколку сакаат повисока оцена најдоцна до среда 26.12.2018 година треба да ми достават печатена верзија. Сите останати не треба да прават обработка на труд, освен ако не им недостасуваат 15 ЕКТС поени, но тоа ќе го дознаеме дури по 10.01.2019 година.
Ви благодарам на разбирањето.
Предметен наставник

Одржано годишното собрание на МНЗА

Почитувани колешки и колеги,
Денес се одржи годишното собрание на МНЗА на кое беше усвоен годишниот извештај, како и финансискиот извештај, програмата за работа за 2019 година. МНЗА од денес има нова потпретседателка м-р Ивана Василевска Петровска и нова техничка секретарка Весна Филиповска. На двете им посакувам успешна и плодоносна работа и очекувам нивен максимален придонес во развојниот пат на МНЗА. М-р Тања Станкова ја презентираше темата: Сексуална едукација на лица со аутистичен спектар на нарушувања – примена на техниката Социјални приказни. На предлог на вонр. проф. д-р Владимир Илиевски се формираше категорија почесни членови во која влегоа основачите на МНЗА и акад. проф. д-р Нада Поп Јорданова.








Претседател на МНЗА

Thursday, December 20, 2018

Термини за полагање испити втор циклус на студии - јануарска сесија 2019

Почитувани постдипломци,
Во прилог се термините за полагање испити по моите предмети:

Прва декада
24.01.2019 - Аутизам - 09:00 часот
24.01.2019 -  Медицинска рехабилитација на моторни нартушувања - 11:00 часот

Втора декада
31.01.2019 -  Аутизам   09:00 часот
31.01.2019 -  Медицинска рехабилитација на моторни нартушувања - 11:00 часот

Го задржувам правото за промена на термините заради дејство на виша сила, а вие сте должни да го следите овој блог. Среќно подготвување на испитите!

Предметен наставник

Физиологија на говор - 20.12.2018

Почитувани студенти,
На денешното предавање стана збор за Физиологија на говорот. Повелете повеќе видео презентации кои треба да го олеснат вашето учење.










Предметен наставник

Tuesday, December 18, 2018

11-то предавање ХГФ - 19.12.2018

Почитувани студенти,
На утрешното предавање по Хумана генетика и физиологија ќе стане збор за Физиологија на учење и меморија. Ви должам некои видеа и за Физиологија на емоции. Предлагам да погледнете неколку видео клипови за илустрација на предавањето.










Предметен наставник

Термини за полагање испити прв циклус - јануарска сесија 2019

Почитувануи студенти,
Во прилог се термините за испити за престојната јануарска сесија во 2019 година. Вие имате право да полагате само во една декада. По еден претставник од секоја генерација треба да ми достави список кој студент/ка во која декада ќе полага. Вие сте должни да дојдете 15 минути пред дадениот термин пред библиотеката на Институтот за дефектологија. На испит се доаѓа со уплатена пријава за испит. Доколку не се плаќа преку мобилен, уплатницата треба да биде уредно прикачена за пријавата. Ниту еден студент нема да биде примен на полагање без потпис, без освоени 15 ЕКТС поени и доколку доцни. Го задржувам правото за промена на термините заради болест или некоја друга непредвидлива виша сила. Вие сте должни да ги следите моите социјални медиуми и навреме да се информирате за сите новини и евентуални промени.

Прва декада
21.01.2019 - ФФА, ХГФ во 08:00
22.01.2019 - ХГ, МОИ во 08:00

Втора декада
29.01.2019 - ФФА, ХГФ во 08:00
30.01.2019 - ХГ, МОИ во 08:00 часот.

Предметен наставник

Monday, December 17, 2018

15 ЕКТС поени - 18.12.2018

Почитувани студенти,
Сите вие кои во изминатите генерации немате освоено 15 ЕКТС поени по моите предмети, ве поканувам утре 18.12.2018 година во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Сакам да ве известам дека до испитната сесија ќе има само уште 1-2 вакви термина и затоа ве молам почитувајте ги термините. Испитите не можат да се полагаат без да се има освоено 15 ЕКТС поени од предавања, вежби, активност, семинарски работи, обработка на труд и сл.
Предметен наставник

Friday, December 14, 2018

Понуда на тема за дипломска или магистерска теза

Почитувани потенцијални дипломци и постдипломци,
Сакам да ви понудам една интересна тема за изработка на вашата дипломска работа или магистерски труд. Насловот на темата гласи: Планирање насочено кон личноста како третман кај аутизмот. Доколку ви се види интересна оваа тема и доколку сакате да ме одберете за ментор, пратете ми е-пошта во најскоро време. 
Што е планирање насочено кон личноста?

Person-centred planning is a way of helping someone to plan their life and support, focusing on what's important to the person. Person-centred planning has five key features:
  • the person is at the centre of the planning process
  • family and friends are partners in planning
  • the plan shows what is important to a person now and for the future and what support they need
  • the plan helps the person to be part of a community of their choosing and helps the community to welcome them
  • the plan puts into action what a person wants for their life and keeps on listening - the plan remains 'live'.
Потенцијален ментор

Thursday, December 6, 2018

Цитирани 4 наши трудови во Molecular Neurobiology

Драги читатели,
Четири наши трудови се цитирани во еден кардинален ревијален труд за аутизмот под наслов:
Списанието има ИФ 5.076.

By:Gladysz, D (Gladysz, Dominika)[ 1 ] ; Krzywdzinska, A (Krzywdzinska, Amanda)[ 1 ] ; Hozyasz, KK (Hozyasz, Kamil K.)

MOLECULAR NEUROBIOLOGY
Volume: 55
Issue: 8
Pages: 6387-6435
DOI: 10.1007/s12035-017-0822-x
Published: AUG 2018
Document Type:Review

Авторот

Прием на семинарски трудови

Почитувани студенти,
Ве информирам дека прием на вашите семинарски трудови, обработка на трудови и друг вид на консултации е можен утре (петок) 07.12.2018 во периодот од 11:00 до 12:30 часот и наредниот петок 14.12.2018 во периодот од 10:00 до 13:30 часот. Ве молам да се придржувате до термините. Го задржувам правото за промена на истите заради „виша сила".
Предметен наставник

Tuesday, December 4, 2018

10-то предавање ХГФ - 05.12.2018

Почитувани студенти,
На утрешното предавање по Хумана генетика и физиологија ќе стане збор за Физиологија на сонот. Доколку има време ќе започнеме и со Физиологија на емоции. Предлагам да погледнете неколку видео клипови за илустрација на предавањето.





Предметен наставник

Sunday, December 2, 2018

Мојот прв труд

Драги читатели,
Сакам со вас да го споделам мојот прв објавен труд во стручното и научно списание Македонски медицински преглед. Беше тоа во далечната 1996 година. Средината на 90-тите еден убав и среќен период од мојата кариера. Во џебот имав многу малку пари бидејќи бев волонтер, но живеев многу посреќни побезгрижни денови. Како вчера се присеќавам кога во октомври 1995 година ги запишав моите постдипломски студии на Клиниката за нефрологија и тогаш го направив трансферот од Клиниката за тораковскуларна хирургија на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје за неверојатни 0 евра. :) Од клиника каде имаше многу рутина и каде асистирав на операции преминав на клиника каде во тоа време се негуваше научната работа. Ни помалку, ни повеќе директно во единицата за интензивна нефролошка нега каде имаше најмногу работа, каде беа најтешките случаи и каде често некои завршуваа со летален исход. Катадневно се правеа записи за прием на болниот, исписи, повремено реанимации, пациенти кои често колабираа заради хемодијализата. Во тоа време раководител на „интензивна" беше проф. д-р Кочо Чакалароски, професор со енциклопедиски знаења во медицината. Тоа подразбираше дека треба да имам уште поголема одговорност кон работата. Покрај секојдневната рутинска работа и честите заглавувања до 17-18 часот, иако работното време беше до 15:00 часот се впуштив во пишување на првиот заеднички труд со него и со група автори кои ќе ги видите во трудот. Подоцна тој ми беше и ментор за мојот магистерски труд кој го одбранив во март 1999 година и од него научив многу работи во медицината и затоа му благодарам во оваа пригода. Трудот носи наслов: Успешно привремено екстерно стимулирање на срцевата акција кај болен со ексцесивна хиперкалемија, во кој презентираме успешно лекуван пациент на кој му претеше лош исход. Оттогаш наваму имам објавено преку 90 стручно научни трудови in extenso во домашната и странската периодика и сето тоа претставува една убава 22 годишна историја на академско публицирање. Доколку сакате да го прочитате или симнете трудот кликнете на погорниот линк. Благодарарение на репозиториумот на УКИМ и овој труд е достапен за поширока публика во отворен пристап.
Раскажувачот

Saturday, December 1, 2018

Ендокрин систем ХГФ - 01.12.2018

Почитувани студенти,
Како што веќе знаете, денес во вториот дел од предавањето беше говорено за ендокриниот систем. Па предлагам да ги погледнете следните видео презентации.














Предметен наставник